Мајсторот изработувач на охридски бисери, Михајло Филев заедно со туристичкиот водич Љупчо Јузмески по петти пат традиционално го организираа барањето на скриениот бисер во Заливот на коските.
Охридски бисер за Денот на жената 8ми Март. Продолжува интересната традиција пронајди го скриениот бисер во Заливот на коските, организирана од познатиот изработувач на охридски бисер, Михајло Филев и туристичкиот водич, Љупчо Јузмески. Две туристки од Црна Гора денес го добија најубавиот подарок за 8ми Март, оригинален охридски бисер. Лилјана Јовановиќ е среќниот пронаоѓач на бисерот во потрагата.
„Имав среќа да го најдам овој бисер кој ни го подари фамилијата Филеви. Прв пат сме во Охрид и многу ни се допаѓа, преубаво е, баш е убаво.“-вели Лилјана Јовановиќ-турист.
За својот роденден пак, и воедно и за празникот на жената, подарок од Филеви доби и Лилјана Василевиќ.
„Во Охрид сум можеби десетти пат. Многу ми се допаѓа тука. Секогаш кога доаѓам се чувствувам како дома. Македонците се навистина љубезен народ, срдечни. Навистина сум изненадена што го добив овој подарок од Филеви, многу им благодарам.“-рече Лилјана Василевиќ-турист.
Туристичката агенција „Ин Травел“ од Црна Гора повеќе од една деценија носи туристи во Охрид. Тие велат дека нивните туристи се секогаш задоволни и фино пречекани во Охрид.
„Нашите гости воглавно доаѓаат на продолжен викенд, петок, сабота, недела. Тука сме на неработни денови, во празници, за 8ми Март, Нова Година, 1ви Мај, за нашиот ден на државноста, секогаш сме тука со групите. Секогаш луѓето ни се задоволни, фино примени и одовде си одат со навистина убави спомени.“-изјави Ратко Влаховиќ-ТА „Ин Травел“-Црна Гора.
Според изработувачот на охридски бисер, Михајло Филев, убавиот подарок кој го подаруваат на туристите е еден плус што се додава на туристичката понуда во градов.
„По повод празникот 8ми Март, доделуваме еден прекрасен охридски бисер изработен од семејството Филеви во име на Охрид и Македонија, да биде еден позитивен сигнал за престојната сезона која ни доаѓа, да оставиме добар впечаток и одбележје на сите културни вредности во Охрид и Македонија.“-вели изработувачот на охридски бисер Михајло Филев.
Според туристичкиот водич Љупчо Јузмески пак, токму она домашното, традиционалното е најинтересно за туристите кои доаѓаат во Охрид.
„Ние туристичките водичи во Македонија многу треба да се држиме до македонските производи. Да ги презентираме македонските брендови. Купувајте и произведувајте македонски производи, ова е апел и до произведувачите. Направете чекор, одете напред, ние сме тука да ве поддржиме. Наместо виенска шницла, кинески производи, имаме ние, Македонија е богата може да се гордее со своите домашни производи и да ги потенцира на странските туристи кои доаѓаат во Македонија.“-изјави туристичкиот водич, Љупчо Јузмески.
Инаку идејата за оваа туристичка атракција во Охрид е на Михајло Филев од познатото семејство Филеви кое веќе еден век изработува оригинален охридски бисер и туристичкиот водич Љупчо Јузмески.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град