Училишниот одбор од средното економско училиште и на вчерашното прегласување повторно и даде доверба на Славица Костоска, сегашниот вршител на должноста директор на „Св.Кирил и Методиј“. Од училишниот одбор велат дека предлогот за директор денес бил доставен до локалната самоуправа. Од таму велат дека градоначалникот има рок од 15 дена за да именува директор на средното економско училиште.
Вршителот на должност директор на СОСУ „Свети Кирил и Методиј“, Славица Костоска повторно ја доби довербата од членовите на училишниот одбор како најадекватен кандидат за функцијата директор на средното економско училиште. На вчерашното прегласување, на кое учествуваа сите 11 члена на училишниот одбор, Костоска доби 7 гласа, додека нејзиниот противкандидат, професорот Никола Тренески ја доби довербата на четворица члена од одборот.
Покрај новоназначениот член на одборот, односно претставник од Министерството за образование, училишниот одбор содржи и четворица членови од наставничкиот совет, тројца од советот на родители и тројца претставници од локалната самоуправа.
Денес, тие, го доставија предлогот до градоначалникот, односно до локалната самоуправа. Инаку и пред еден месец училишниот одбор на актуелната вд директорка и изгласа доверба за директор на училиштето, но предлогот беше вратен од страна на Градоначалникот Никола Бакрачески. Од локалната самоуправа, за ТВМ рекоа дека причина за тоа е што постапката за избор на директор не била извршена во согласност со законските одредби, статутот на училиштето и деловникот на училишниот одбор. Односно од 10 члена на одборот Костоска добила 5 гласа а нејзиниот противкандидат Никола Тренески добил 4, со што ниту еден не добил мнозинство гласови.
Сега на повторното гласање одборот кој броеше 11 члена и ги даде мнозинството гласови на моменталната в.д директорка, Костоска. Со оглед на тоа што истиот кандидат по втор пат ја добива поддршката на училишниот одбор, истиот мора според законот да биде потврден и од градоначалникот, односно градоначалникот да потпише решение за именување на директор. Од локалната самоуправа велат дека таа одлука, градоначалникот треба да ја донесе во рок од 15 дена.
Костоска која ја доби поддршката и од советот на родители, но и од учениците кои самоиницијативно собирале потписи за нејзина поддршка е професор со 26 годишен професорски стаж и положен директорски испит. Костоска претходно беше назначена за в.д.директор на СОСУ „Свети Кирил и Методиј“ со решение на градоначалникот на Општина Охрид Никола Бакрачески во јули минатата година.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град