Жителите на најстарата улица во градов се жалат на постојани проблеми со поплавување на улицата, дупки на асфалтот, немање тротоари, ниту адекватна водоводна мрежа.
Дали конечно ќе се најде решение за комуналниот проблем наречен улица „Абас Емин“ ? Оваа високофреквентна улица години наназад била дел од програмите на општина Охрид, но досега истата добиваше само крпење на ударните дупки и чести поправки на проблематичните канализациони мрежи. Вистинска и целосна реконструкција на истата, барем до овој момент на „Абас Емин“ се нема случено. Запрашавме дел од жителите на оваа улица што мислат за нејзината состојба и кои според нив се клучните и најважни проблеми со кои секојдневно се соочуваат.
„Треба да се направи улицава. Потребна е, многу се движат луѓе на оваа улица и добро е да се направи. На пример нема тротоари, нема кај да се движи човек, ќе се чуваш.“
„Уште пиеме вода од салонитни цевки, а знаете вие дека цевките се забранети. Дефекти постојано се јавуваат и само ги крпат со некои дрвциња, стегни со желевце, после пак пукнала. Неопходен е патов, ние постојано бараме, само ни се ветува, ама досега ништо.“
„Треба да се направи, нормално. Одамна сите викаат ќе ја направиме, и така остана.“
„Цела улица треба да се направи овде. Најголем проблем е водава, поплави се прават, ископана е, дупки, нема каде да одат децава, ни тротоари, ништо. Улицава нека се прави, сите овде си плаќаат даноци, а никој не ја прави улицата.“-рекоа дел од жителите на оваа улица.
Улицата „Абас Емин“ и минатата година беше дел од развојните програми на локалната самоуправа, но истата не била реконструирана затоа што надлежните сакале тоа да биде целосна реконструкција, а не само крпење на веќе постоечките проблеми.
Оваа најстара улица во градов, најде место и во развојната програма за 2015-2017та година, како една од приоритетните улици.
„Комплетната реконструкција на улицата опфаќа поставување на нова мрежа за водоснабдување, нова фекална канализација и комплетна реконструкција, асфалтирање на улиците и нејзините пристапни патишта. Во однос на водоснабдувањето, предвидени се средства во износ од околу 5 милиони денари и градежните работи ќе ги извршува ЈП „Водовод“. Исто така во развојната програма се предвидени средства за нова атмосферска и фекална канализација, додека пак асфалтирањето се разбира согласно законските принципи на тендер ќе го добие фирма која ќе достави најповолна понуда.“-вели Љупчо Танески од Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици.
Во нацрт развојната програма за уредување на градежно земјиште, локалната предвидела и ставка за изградба на тротоар на оваа улица. Но со оглед на спецификата на улицата „Абас Емин“ од секторот ги запрашавме како ќе се постапува во оние делови каде што технички нема да бидат во можност да изградат тротоар.
„Одговор на тоа прашање ќе даде самиот проект и колкав дел од сегашната улица, од моменталната состојба би отишол за обезбедување на тротоари за пешаците. По поминувањето на оваа развојна програма 2015-2017та, ќе се пристапи кон идејно решение, правење на проект, па по донесувањето на оваа програма можеме да разговараме околу тоа и начинот на кој ќе се вметнат тие тротоари кои се и тоа како потребни за луѓето што живеат на тој потег, на тој начин ќе се зголеми безбедноста на улицата.“-рече тој.
Инаку Танески информира дека целосната реконструкција на „Абас Емин“ ќе се случува во две фази. Во првата фаза вели дека ќе работат на водоводната, фекалната и атмосферската канализација, додека во втората фаза ќе пристапеле кон асфалтирање на улицата.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град