Матурска без скапите фустани и одела. Класичното и од година во година се попомпезно славење оваа генерација матуранти од гимназијата Св. „Климент Охридски“ ќе го заменат со матурска екскурзија во Италија. Оваа идеја е на учениците а ја поддржуваат и најголем дел од родителите. За оние ученици кои финансиски не се во можност да одат на оваа матурска екскурзија ќе се бараат спонзорства.
Матурска вечер во Италија. Оваа идеја е на учениците од четврта година во гимназијата Св. „Климент Охридски“ и на нивните родители. Средношколците изработиле анкета која ја спровеле меѓусебно и на која повеќе од 70% се изјасниле позитивно за оваа идеја. Зелено светло за ваков начин на славење на матурската вечер дале и родителите и тоа дури 82% од анкетираните. Веќе е формиран и стручен тим составен од класните раководители од четврта година, од директорката и стручната педагошка службаза спроведување на оваа идеја. Во рок од една недела директорката треба да изготви програма за оваа научно-забавна екскурзија и да ја достави до бирото за развој на образованието кое треба да го даде конечниот збор дали истата ќе се реализира.
Целта на екскурзијата е да нема класично матурско славење и да се избегнат сите помпезности околу матурата со скапи фустани и други трошоци. Замислата е да има екскурзија од научно забавен карактер. Една вечер матурантите ќе бидат однесени во диско каде ќе прослават но не на оној класичен начин туку едноставно како што и овде излегуваат навечер, рече Вера Јовческа, директорката на гимназијата Св. „Климент Охридски“.
Директорката за сите оние родители кои се во дилема дали овој начин на славење на матура е најпогоден објаснува дека децата ветиле дека нема да ги изложат на двојни трошоци, па откако ќе се вратат од екскурзијата овде нема повторно да слават на оној класичен начин. Јовческа ги разреши дилемите и околу прашањето што со оние ученици чии родители финансиски не се во можност да издвојат средства од семејниот буџет за оваа матурска екскурзија.
Не би сакала ниту едано дете да остане во гимназијата бидејќи матурата е за сите. Тоа го кажав и на совет на родители. Не можам да дозволам некои деца па дури да се и десеттина да не одат на екскурзија. Родителите од советот ветија дека за сите оние кои не се во можност сами да си платат ќе помогнат останатите родители, потенцира Јовческа.
Директорката вети дека ќе се заангажира да добие и неколку гратиси од агенцијата со која ќе патуваат, а ќе побараат и спонзорства. Таа додаде дека или сите матуранти ќе патуваат или никој. Доколку голем број од децата не се во можност да одат на екскурзија, таа нема да се реализира. Инаку, патувањето ќе трае шест дена во кои се вклучени три ноќевања. Ќе се оди во Италија кон крајот на мај и ќе чини од 12 до 15 000 ден.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град