Според нив проблемот лежи во ненавременото добивање на решенијата за радиодифузна такса и неажурноста на надлежните. Прашуваат кој ќе им ги надомести парите кои треба да ги платат за деблокирање на нивните банкарски сметки.
На охриѓани им се блокираат сметките во банките поради неплатени сметки за радиодифузна такса. Граѓаните реагираат дека неплатениот долг не е по нивна вина. Објаснуваат дека сметките за радиодифузна такса не доаѓаат навреме, а додаваат и дека многу често опомените за неплатена сметка стигнуваат многу доцна кога веќе сметката ќе биде блокирана, а многу често опомени воопшто не стигнуваат. Охриѓани прашуваат како ќе им се пребие сумата за наредните месеци на оние граѓани кои веќе ги платиле сметките за радиодифузна такса, а банкарските сметки им се блокирани за истите тие сметки и кој ќе им ги пребие парите во висина од 2000 ден за одблокирање на сметките во банките.
„Тоа не е вистински начин, да се блокираат сметките. Дали има човек да ги плати? Тие не водат сметка, таму што работат.“
„Тоа што блокираат сметки јас мислам дека треба прво опомена да се прати, да се известат со опомена некоја, па после да блокираат, а вака без опомена без ништо. Тоа е штетно за граѓаните. Ќе се изложат на големи трошоци, адвокати, нотари, тоа е навистина голем издаток за граѓаните.“
„Целиот хаос се направи кога од четиричлено семејство сите добиваа решенија, па со писма, пишувај, враќај, никако да се среди тоа. И не е чудно на некој да му се пушти опомена што не е обврзник, а во семејството се знае кој е обврзник, има и такви случаи. Треба по мое евиденцијата да се среди, да биде како што треба.“
„Прво и прво не се плаќаат на време, второ после треба да ги чуваш, не знам дали тие имаат застарување ако заборавил некој да ја плати.“-рекоа дел од граѓаните.
За овој проблем стапивме во контакт и со одговорните лица од регионалната канцеларија на Управата за јавни приходи во Битола. Од таму со одговор дека најчестите проблеми на граѓаните произлегуваат од двојното задолжување со РДТ на повеќе членови во семејството, што е резултат на состојбите во Регистарот на обврзници кој се води во МРТВ, како и со евиденцијата на плаќањата на РДТ кои се јавуваат кога странките при уплатата се повикуваат на стари интерни шифри, повикување на неточни фолио броеви односно податоци кои не соодветствуваат со податоците од решенијата на УЈП. Од таму додаваат дека сите овие состојби доведуваат до неможност да се идентификуваат уплатите извршени од обврзниците односно неможност истите да се книжат во УЈП. Од УЈП потенцираат дека постојано се во комуникација со Јавниот радиодифузен сервис во насока на преземање мерки за ажурирање на регистарот на Македонската радиотелевизија.
Инаку Управата за јавни приходи доставила 27.014 Решенија за присилна наплата на РДТ за физички лица кои се однесуваат на неплатен долг во вкупен износ од 49.202.762 денари. Станува збор за граѓани кои не извршиле плаќање на РДТ од три месеци до една година, а на кои претходно УЈП има доставено опомена за плаќање на долгот. Сепак од УЈП не добивме одговор дали и кој ќе изврши рефундација на граѓаните кои уредно и навремено ја платиле радиодифузната такса, а сепак добиле блокирана сметка за чие одблокирање мора да платат надомест на својата банка од 1500 до 2000 денари.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град