На само две недели до истекот на рокот за пријавување на обуките, такси возачите од градов или велат дека воопшто не слушнале или дека не се заинтересирани да се пријават на курсевите.
Слаб интересот за изучување на англиски јазик кај охридските такси превозници. Обуката за англиски јазик се спроведува како соработка помеѓу Министерството за транспорт и врски и локалните самоуправи.
До истекот на рокот за пријавување, такси превозниците имаат уште две недели, но барем засега, според нивните кажувања, или не се запознаени со процедурите и роковите за пријавување или пак воопшто не постои интерес за посета на таквите обуки.
„Не сум се пријавил досега, не сум заинтересиран. Ова го работам привремено така да оставам на младите, тие нека учат.“
„Не не сум се пријавил, не го знам до кога е рокот за пријавување, мислам дека треба в општина да се пријавам, од таму никој не ни пристапил.“-рекоа дел од нив.
Ваквото мислење преовладуваше кај скоро сите такси превозници на кои им го поставивме истото прашање, но од само за нив познати причини, истите не сакаа да коментираат пред нашата камера.
Во меѓувреме останува фактот дека јавниот оглас за пријавување на такси превозниците за изучување на англискиот јазик е објавен на општинската веб страна уште на 9ти Септември 2014та година и трае 45 дена. Во него, меѓу другото стои дека право на учество на јавниот повик имаат сите заинтересирани кандидати кои работат како такси возачи во правни лица лиценцирани од општина Охрид за оваа дејност, кои се вработени како такси возачи и не се постари од 62 години. Такси возачите за таа цел треба да достават пријава за заинтересираност за посетување на обуката која може да ја подигнат во Архивата на општина Охрид или да ја преземат истата на веб страната на општината www.ohrid.gov.mk.
Пополнета, пријавата треба да ја достават во Архивата на општина Охрид, во делот на Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици или Одделение за сообраќај. Заедно со пријавата потребна е копија од лична карта на возачот кој се пријавува и копија од м1/м2 образец. Обуката за изучување на англиски јазик опфаќа посетување на предавање кое ќе го вршат професори по Англиски јазик. Истата ќе содржи 80 часови, а за почетокот на обуката сите пријавени кандидати ќе бидат известени по електронски пат. Трошоците за спроведување на истата се на товар на буџетот на општина Охрид иако првично беше објавено дека обуките ќе се спроведуваат на заеднички трошок со Министерството за транспорт и врски.
Инаку обуките кои ќе се спроведуваат се однесуваат на стекнување на основни познавања од англискиот јазик за што ќе добијат и соодветен сертификат, а до 1 јануари 2017та година сите такси превозници задолжително ќе мора да поседуваат ваков сертификат.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град