Убавините на нашиот град, автентично пренесени на сликарското платно ги претставува уметникот Славица Секулоски Ван ден Берг. Во нејзината галерија „Секулоски“ во Холандија, може да се видат препознатливи мотиви не само од Охрид, туку и од целата држава.
Обично туризмот, Холандија и прекрасните пејсажи од Охрид се поврзуваат со холандските туристи кои го посетуваат нашиот бисер. Врската и сега постои, но од другата страна. Славица Секулоски Ван ден Берг е уметникот кој последниве 35 години од својот живот ги поминува во земјата на лалињата, но уште повеќе земјата на Ван Гог, на Рембрант. Водата, планините, езерото, ова се впечатоците и сеќавањата кои никако не ја напуштаат Секулоски, токму затоа, овие мотиви, мотивите од вечниот Охрид се она што најчесто се наоѓа како мотив во нејзините слики. Уметник по потекло од струшките краишта, Славица која е родена во Белград, љубовта ја однела во низинска Холандија. Од уметноста нема бегање, па во градчето музеј, Дузбург, таа ја отвора својата галерија во која на своите посетители со радост им раскажува за местото од кое потекнува.
„Во градот каде што јас живеам, има многу галерии и ателјеа. Бидејќи ние пред дваесет години почнавме заедно со шестмина мои колеги уметници, почнавме една убава уметничка тура по градот, која се одржува секоја прва недела во месецот. Тогаш се е отворено, што се однесува и на музика, концерти, ателјеа, галерии, така да тоа е традиција на градот и е многу посетен од многу луѓе од цела Холандија кои доаѓаат таму да гледаат околу 30 уметници кои изложуваат во тој град.“-вели уметникот Славица Секулоски Ван ден Берг.
Славица за себе вели дека е уметник кој сака да ги проба сите техники, работи портрети, скулптури, пејсажи, и акварел, пастел, маслеи бои. Вели дека се зависи од инспирацијата и објектот кој се слика. За неа, сликарството е најубавата професија бидејќи се создава една енергија која со радост ја дели со својата публика. Во нејзиното сликарство, Охрид и Македонија имаат посебно место.
„Јас постојано ги имам Охрид и Македонија во моите идеи, мојата тема, дали во минатите изложби или во оваа сега, како и што избрав тема на изложбата да ми биде Охрид и околината. Затоа и се вика „На патот за Охрид“. Тоа може да биде и некоја друга држава, на патот за Охрид е далеку од Холандија, околу 2500 километри, на тој пат има преубава природа која каде и да се свртиш може нешто да направиш, а Охрид е идеален, и градот како архитектура, и црквите, културните споменици, водата, планините. Се е тоа многу убаво да се слика. Затоа се обидувам и холанѓаните да ги доведам овде, да ги намамам со овој убав град и обичаите.“-рече Секулоски-Ван ден Берг.
Сликите на Славица не се единствениот начин на кој таа го претставува Охрид во Холандија. Лани во соработка со телевизиска куќа од Холандија таа снимила и емисија во која главен актер е токму нашиот град. Емисијата наречена „Барај ја својата куќа од соништата“ зборува за брачен пар на кој му се прикажуваат три убави куќи во Охрид, а за една од нив треба да се одлучат и да ја купат. Секулоски се пошегува дека со оглед на тоа дека емисијата ја виделе преку милион холанѓани, очекува нареднава година добар дел од нив да си купат куќа во Охрид. Инаку Славица Секулоски во Охрид е по повод својата втора самостојна изложба во Македонија насловена како „На патот за Охрид“ која изминативе две недели беше поставена во Куќата на Робевци.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град