Предлогот за менување на името на кејот „Маршал Тито“ во кеј „Македонија“ за едни прифатлив за другите не. Од советничката група на СДСМ реагираат дека прескокната е стручната и научната јавност за да го даде своето мислење по овие прашања. Тие ќе бараат одлагање на оваа точка од днебвниот ред на наредната седница закажана за во петок.
Кејот „Маршал Тито“ ќе стане кеј „Македонија“. Овој предлог доаѓа директно од кабинетот на градоначалникот, а ќе биде ставен пред градските избраници. На седницата закажана за во петок една од точките на дневен ред е и предлог одлуката за утврдување на листа за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на подрачјето на општина Охрид. Советничката група на ВМРО ДПМНЕ по синоќешната координација зазеде став по ова прашање.
-Советничката група на ВМРО ДПМНЕ ќе даде подршка на предлогот за промена на името на кејот „Маршал Тито“ во кеј „Македонија“ бидејќи досегашното име на кејот ја има изгубено комплетната важност за градот. Во секојдневните контакти со граѓаните наидуваме на одобрување на ваквиот предлог, вели Илија Арнаудовски, координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ.
Синоќа се состана и Извршниот одбор на Општинската организација на СДСМ со цел да завземат заеднички став за овај предлог на Градоначалникот. Од таму објаснуваат дека не само предлогот за преименување на кејот „Маршал Тито “ туку и предлогот за промена на грбот на град Охрид кој исто така се најде на дневен ред на нареднава седница, се донесени избрзано и без некое претходно посериозно истражување.
–Ние ќе бараме повлекување на овие две точки од дневниот ред затоа што сметаме дека на некој начин тоа се точки што ќе имаат долгорочни последици врз градот и државата. Прескокната е стручната и научната јавност за да го даде своето мислење по овие прашања. Ниту граѓаните не се вклучени во донесувањето на вака значајни одлуки, вели Јован Стојановски, координаторот на советничката група на СДСМ.
А, граѓаните кои ние ги анкетиравме со поделени мислења. Некои велат дека иницијативата е добра, други пак дека и вака да остане не е некаков проблем.
Останува да видиме дали советниците од ВМРО ДПМНЕ ќе го прифатат барањето на опозицијата и ќе ја одложат точките за преименување на кејот „Маршал Тито“ во кеј „Македонија“ и за промена на грбот на град Охрид.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град