Спојката кај улицата Коста Абраш и Цар Самоил повторно полна со паркирани автомобили. Иако од двете страни на спојката стојат поставени знаци за забрането запирање и паркирање, несовесните возачи истите ги игнорираат.
Просторот помеѓу улиците Коста Абраш и Цар Самоил повторно преполн со паркирани возила. Оваа спојка подолг период претставува проблем за жителите на Стар град кои често пати не можат да си појдат дома, бидејќи просторот е блокиран од паркираните автомобили. Пред летната сезона Телевизија ТВМ, за овој проблем, го контактираше Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици во локалната самоуправа. Од таму не информираа дека проблемот ќе се обидат да го решат со воведувањето на летниот режим на сообраќај и дополнителна патна сигнализација. За воља на вистината, со стартувањето на новиот режим на сообраќај на 1 Јули од Секторот беа поставени два знаци за забрането запирање и паркирање и од едната и од другата страна на спојката непосредно до ресторанот Чун, меѓутоа, очигледно несовесните возачи не ги почитуваат.
Во случаите кога се прекршуваат сообраќајни знаци, обврската за постапување оди во рацете на сообраќајната полиција. СВР Охрид уште тогаш не информираше дека на тој простор во неколку наврати забележале непочитување на сообраќаните правила од некои учесници во сообраќајот.
Тогаш од СВР Охрид ни рекоа дека проблемот го решаваат со изрекување на усни и писмени опомени, но без изрекување на казни. Но се чини дека предупредувањата на СВР немаат ефект врз возачите, бидејќи овој простор повторно е полн со паркирани автомобили.
Имајќи предвид дека во летниов период се почесто овој простор е запоседнат од нелегално и непрописно паркирани автомобили, можеби е време, од Секторот за внатрешни работи од Охрид да пристапат и кон казнување на прекршителите и нивно парично санкционирање. Можеби тогаш, оваа мала спојка, но значајна за оние кои живеат во Стариот дел на градот, но и за туристите кои во летниот период престојуваат во овој дел, ќе биде слободна за движење, а не блокирана со автомобили.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град