Ова интересно списание во кое се обработуваат многу теми од екологијата, социјалата, здравството, но од еден граѓански аспект, ќе го продаваат лицата во социјален ризик од нашата општина.
„Купувајќи го списанието „Лице в лице“ им помагате на многумина, читајќи го „Лице в лице“ си помагате себеси.“ Ова е слоганот на првото македонско улично списание „Лице в лице“ кое од денес конечно може да се купи и низ охридските улици. Ова списание обработува најразлични теми, од екологија, социјала, здравство, култура, но сите тие видени од гледна точка на граѓанинот. „Лице в лице“ ќе го продаваат граѓани кои се наоѓаат во социјален ризик, и кои со продажбата на истото чесно ќе заработуваат.
„Она што го прави специфично „Лице в Лице е тоа што се обидува да го помести оној вертикален однос кој што го имаме со маргинализираните лица. Тоа е односот ние сме горе, тие се долу и ние се обидуваме нешто да им дадеме. Она што го прави „Лице в Лице“ е тој однос од вертикален да го направи хоризонтален. Тоа значи дека ги гледаме како наши рамноправни сограѓани, на тој начин што тие вршат дејност која е корисна и за нив, но корисна и за нас.“-вели Климентина Илиевски-извршен директор на „Лице в Лице“.
Луѓето од Центарот за медиумски активности кои го подготвуваат ова списание, во Охрид добиле поддршка од Црвениот крст од Охрид.
„Кога Климентина прв пат се видовме и дојде овде, јас веднаш добив јасна претстава и бидејќи од групата на социјално загрозени семејства од Охрид кога им се јавував да ги поканам да дојдат и да слушнат што им нудиме, за прв пат сакав искрено да им кажам дека не им нудиме пакет храна, или облека, туку им нудиме работа.“-рече Мимоза Ставрева од Црвениот крст од Охрид.
Како и во останатите четири градови каде се продава „Лице в Лице“, во промоцијата, но и продажбата на списанието учество земаат познатите и јавни личности. Таа благородна задача ја презедоа нашите актери Никола Тодороски и Јасмина Билаловиќ.
„Апелирам до граѓаните на Охрид да ги поддржат продавачите на „Лице в Лице“ во Охрид купувајќи ги изданијата затоа што не само што помагаат тие лица да дојдат до еден подостоинствен живот, да се самоодржливи, туку и добиваат нешто за своите пари, добиваат квалитетно четиво.“-изјави актерката Јасмина Билаловиќ.
„Постои една изрека која вели „Ако му дадеш на човек риба, ќе ја изеде. Ако го научиш да лови риба, ќе има риба цел живот.“ така да мислам дека ова е конкретен проект кој ќе се погрижи на одредени луѓе да им стане полесно во животот, така да КУПЕТЕ ГО!“-порача актерот Никола Тодороски.
Инаку списанието „Лице в Лице“ е дел од продукцијата на Центарот за медимски активности од Скопје кои функционираат на основа на моделот на социјално претприемништво. Списанието во Македонија излегува веќе две години и тоа во Скопје, Неготино, Битола, Струга, а сега и во Охрид. „Лице в Лице“ излегува еднаш на два месеци, чини 100 денари, а ќе можете да го купите од лицата кои ќе го продаваат низ охридските улици обележани со посебни наметки на кои стои името на списанието. Запомнете дека купувајќи го списанието, директно помагате на лицата во социјален ризик.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град