Фалцоне освен прекрасна забава, најави и големо изненадување за Охрид во блиска иднина. Му се допаѓа храната, луѓето, времето во Охрид и особено езерото.
Еден од најпознатите хаус ди џеи во Америка и светот, Џејсон Фалцоне со специјален настап за охриѓани. Во ексклузивната можност која ТВМ телевизија ја доби да поразговара со ѕвездата на хаус музиката, Фалцоне откри дека подготвува посебен сет за кој очекува кај охриѓани да предизвика вистинско уживање. Стилот кој Фалцоне го негува и кој самиот го создавал во изминативе години наречен валкан хаус, вклучува миксање на 3 или четири песни истовремено што создава исклучителна мелодичност и енергија.
„Вечер ќе имам еден уникатен сет, тоа е навистина посебна плажа ми велат, Оревче плажата, но ќе биде еден посебен сет, на него работев последниве два-три дена, ќе го пробам него па да видам какви вибрации ќе почувствувам од публиката. Ова ми е трета година овде и посебна за нас и треба да биде доста интересно. Што ме тера да се вратам во Охрид? Па мора да кажам дека ова е едно од најубавите места што сум ги видел во животот. Времето, езерото, плажите, луѓето, прекрасно е. Има многу енергија овде, ова е посебно место, културолошки, но она главното што ме тера да се вратам овде се охриѓани, постојано ме бараат, па навистина уживам.“-вели Ди џеј Џејсон Фалцоне.
Фалцоне пред нашата камера раскажа за неговите почетоци во Њујоршките клубови. Вели дека со ди џејството почнал да се занимава сосема случајно. Додава дека со музиката е уште од најмали нозе бидејќи свири на тапани уште од петгодишна возраст, а негов ментор бил позната рок ѕвезда чие име не сакаше да ни го открие. Охрид е само дел од турнејата наречена Dirty House sessions, Фалцоне раскажа што планира следно, а ни откри и едно интересно изненадување.
„Следно ќе правиме неколку приватни забави во Париз. Треба да се вратиме подоцна годинава во Ибица и таму имаме неколку забави и потоа назад во Њу Јорк. Немавме многу настапи во Европа годинава, затоа што почнавме подоцна поради некои причини, но следната година ќе имаме доста настапи, а имам и едно големо изненадување за Охрид, еден голем фестивал кој се обидуваме да го донесеме тука.“-рече Фалцоне.
Досега воглавно познат како ди џеј кој што работи со ремикси на туѓи песни, Фалцоне ни откри дека за прв пат влегува во продуцентските води и дека работи на својот прв албум.
Вели дека албумот ќе содржи осум негови песни, а најави и доста познати имиња од хаус музиката кои ќе учествуваат во дел од песните. Додава дека албумот е при крај, и дека истиот најверојатно ќе излезе во Февруари 2015та година. Фалцоне настапува вечерва на плажата Оревче, а се враќа дома веќе во Сабота. Дотогаш вели дека ќе ужива во вкусните ќебапи во охридската чаршија кои му оставиле убав впечаток.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град