Прекрасниот концерт на виртуозот на пијано, Максим Мрвица, исфрли на површина повеќе организациони фалинки. Се надеваме дека тоа ќе биде причина за размислување на одговорните и превземање мерки за нивно отстранување и надминување.
Хрватскиот пијанист Максим Мрвица на сите кои саботата навечер беа на „Антички“ им приреди едно незаборавно доживување. Овој виртуоз на пијано кој настапи во рамките на фестивалот „Охридско лето“ на начин препознатлив само за него изведе кросовер композииции од своите десет албуми, како и еден помал блок класична музика и ја стана публиката на нозе. Овој концерт по се изгледа ќе се вброи во еден од најдобрите на овогодинешното фестивалско издание.
Но, зачуди фактот што и за еден ваков светски настан античкиот театар пред почетокот на концертот остана полупразен па откога почна концертот сите оние кои немаа влезници и стоеја околу амфитеатарот беа пуштени внатре со цел да се пополнат седиштата. Се наметнува прашањето каде е публиката. Дали причина за се помалата посетеност на културните настани на „Охридско лето“ е слабата промоција на истите или пак нешто друго е во прашање. Коментарите на посетителите на концертот покрај воодушевување за маестралниот настап на Мрвица, „пијанистичкото чудо од Шибеник“, криеја и доза незадоволство поради некои пропусти во организацијата. Мала сенка фрли и неумесното прекинување на документарниот филм за почетоците и развојот на овој пијанист кој беше прикажан на паузата, но кој публиката не успеа да го види во целост.
Енергичниот настап на Максим никого не остави рамнодушен, но поради енергијата која несебично ја трошеше преку дирките на клавирот кој е стар неколку децении, неколкупати се слушнаа дисхармонични звуци. Дали можеби организаторите на фестивалот не требаше да се потрудат за овој маестрален пијанист да најде посоодветен инструмент? На моменти, особено кога маестралниот Мрвица ја свиреше насловната тема на блокбастерот „Мисија невозможна“ она што требаше да биде кулминација на концертот, публиката повеќе ја слушаше електронската матрица отколку самиот изведувач. Надополнето со повеќе дополнителни технички и организациски проблеми, како претрчувања на сцена додека артистот изведува, можеби не ја доловија тежината и значењето на настапот на Максим Мрвица, човекот кој барем во музичкиот дел требаше да биде вистинска ѕвезда на годинешното издание на фестивалот. Сите овие фалинки кои излегоа на виделина со овој концерт се надеваме дека ќе бидат причина за размислување кај одговорните и превземање мерки за нивно отстранување и надминување, а ние да се претставиме пред светот во најдобро светло како и што доликува на еден ваков фестивал.
Инаку, Максим Мрвица е еден од најпознатите светски пијанисти и најпродаваниот кросовер-пијанист во светот, кој зад себе има 10 студиски изданија, милионски тиражи во повеќе од 57 држави и бројни меѓународни награди и признанија.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град