Пронајден е дел од накитот и возилото на разбојниците кои синоќа ограбија златара во струшката чаршија. Полицијата сеуште трага по сторителите кои добро маскирани и вооружани при грабежот повредија тројца стружани.
Трагите од крв сеуште стојат на плочките од струшката чаршија и потсетуваат на вчерашната драма која се случи при грабеж на златарата „Циркон“. Имено синоќа околу 18 и 30 часот, пет маскирани лица, вооружани со огнено оружје извршиле разбојништво во струшката златара „Циркон“, при што одзеле разновиден златен накит. Сторителите на разбојништвото на излегување од објектот испукале неколку куршуми, при што како што изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, тројца се повредени, еден со прострелна рана во ногата и се наоѓа во болницата „Св Еразмо“, надвор од животна опасност, а останатите двајца поминале со лесни телесни повреди. Димоски рече дека стручните тимови на СВР сеуште работат на целосна реализација на ова казнено дело, и обелодени што е најново во истрагата.
„Доцна синоќа по интензивен преглед на теренот пронајдено е патничко моторно возило марка ауди со струшки регистарски таблички, со кое извршителите на кривичното дело ја имаат напуштено златарата во Струга. Ова возило е најдено на шумски пат на потегот над струшкот село Мали Влај. Дополнително е извршен преглед на поширокото подрачје при што над атарот на селот Вишни во близина на македонско – албанската граница пронајдени се дел од златото и златните предмети кои што се одземени од страна на извршителите на кривичното дело разбојништво“ – вели Димоски.
Засега не е утврдена вредноста на накиотот кој е одземен од златарата „Циркон“. Според Димоски тоа е предмет на дополнителни анализи на СВР и се очекува во текот на денешниот ден да остварат разговор со сопственикот на златарата. Во струшката чаршија и денеска се чуствуваше вознемиреност кај граѓаните околу синоќешниот грабеж на златарата „Циркон“. Повеќето од нив коментираат дека Струга не е повеќе она што беше некогаш и дека во прашање е доведена безбедноста на граѓаните.
„Системот дојде таков што не можеме да бидеме сигурни, рековте дека сум повозрасен, јас се сеќавам како дете ние не можевме да видиме филм, влегува банда ја пљачка банката и на крајот беа фатени, денес гледаме филмови пљачкаат банка го гледате со актовка си заминува на авион, бега во друга држава. Младината тоа го очекува. Значи воопшто системот е таков. Порано ќе го задржеа во самица малку ќотек да ме извинат, можеби тоа е престрого ама и тоа треба. Би требало малку да се засили безбедноста. Сношти сите бевме ужалени а газдите живеат кај нас од Скопје се многу фини добри луѓе се незнам што им се случи. Би требало не малку, него бајаги да се засили безбедноста. Не е убаво така. Не е во ред. Не нема никаква безбедност, не функционира како што треба државата, власта и затоа се тие отворени и прават има некој што ги бранат или што е тоа не можиме да тврдиме ама животот не е сигурен“ – коментираат стружани.
И покрај ваквите коментари од стружани, од СВР смируваат.
„Стружани нема потреба да стравуваат за својата безбедност, бидејќи Струга е безбеден град, ние и ова кривично дело ќе го расветлиме бидејќи во однос на изминатите слични дела ние имаме поденсено кривични пријави“. – вели Димоски.
Инаку вчерашниот вооружен грабеж е втор инцидент во Струга за една недела. Пред точно седум дена на сред бел ден под закана со оружје беше извршен обид за грабеж на менувачница.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град