Жителите се жалат дека години наназад им било ветувано решение на овој проблем, но дека засега нема ништо од ветеното. Од локалната пак, денес позитивни сигнали.
Повторно испливаа на површина проблемите со улицата „Илија Смически“ во Лескоец. Жителите велат дека станува збор за децениски проблем за кој многупати им било ветувано решение, но дека засега нема ништо од ветеното. Обилните врнежи деновиве уште еднаш ја поплавија оваа улица, за која жителите велат дека во должина од дури 200 метри се претвора во базен.
Се жалат дека нивните деца, за да стигнат на училиште, мора да поминат огромен пат кружејќи околу селото. Јане Бачевски, жител на оваа улица вели дека од ден на ден, секојдневно чекаат да пристигнат багери и да започнат со работа, но дека засега, нема ништо од тоа.
„Цело време се жалиме, има и слики пратено, нека отворат интернет ќе видат. Тоа е. Рекоа, ни ветија дека ќе почнат уште лани во Август, кога беше Спасовден тука, ни ветија дека ќе почнеле. Ајде не почнаа тогаш, рекоа ќе почнеле во Октомври. Октомври замина, рекоа ќе почнеле во Март, било зима. Март замина, ќе дојде друг март, и не знам што да речиме, еве нека каже цела маала.“-вели Јане Бачевски-жител на улица „Илија Смически“-Лескоец.
ТВМ во повеќе наврати информираше за овој децениски проблем на улицата „Илија Смически“. Минатата година, секретарот на општината, Димитар Спасески вети дека штом започне овогодинешната градежна сезона, ќе се започне со реконструкција на улицата. Денес, портпаролот на општина Охрид, Томе Џамтоски со поконкретни податоци. Вели дека улицата ќе се реконструира со дел од одобрените средства од Светска банка и дека самиот проект е веќе изготвен.
„Целата финансиска конструкција можам да кажам дека е затворени и како што реков, тоа „наскоро“ јас верувам дека ќе биде во две фази. Во првата фаза, до започнувањето на главната туристичка или летна сезона ќе биде поставена канализационата мрежа, а асфалтирањето верувам дека ќе следи во месец септември.“-рече портпаролот на општина Охрид, Томе Џамтоски.
Сега останува да почекаме во овие наредни неколку месеци и да видиме дали ќе започне санирањето на оваа улица, со оглед на фактот дека овогодинешната градежна сезона е веќе започната.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град