На годишното собрание на Здружението на лекари од Охрид се доделија и признанија на истакнати лекари од нашиот град. Постхумно беше награден и д-р Илија Прангоски за неговиот исклучително значаен придонес во професијата.
Лекарите од Охрид ги разгледаа постигнатите резултати во изминатата година, но дискутираа и околу предизвиците на професијата доктор. Со пригодна свеченост на годишното собрание на здружението на лекари од Охрид тие воедно го одбележаа и Денот на здравјето, но и доделија признанија на истакнати лекари од градов.
„Секако дека овие признанија делуваат како еден импулс, да се вложи што повеќе во нашата работа, да се вложи што поголем труд и да се пружи што поквалитетна здравствена заштита на пациентите. Секоја награда, секое признание е мотивација за поголем и подобар квалитет во работата.“-вели д-р Лилјана Котлар-претседател на Здружение на лекари-Охрид.
Дел од годишното собрание беше и претседателот на Македонското лекарско друштво, проф.д-р Јован Тофоски, кој вели дека во Охрид доаѓа со посебна причина.
„Поводот денес што сме тука, јас како претседател, специјално сум дојден тука да му го врачиме признанието, макар и постхумно на д-р Илија Прангоски, кој беше една извонредна личност, многу посветен на лекарската професија, но и на работата во лекарското друштво, особено во охридското здружение. Тој ги поврза луѓето, не само од Охрид, туку и Струга, Дебар, Кичево, Ресен доаѓаа тука на неговите состаноци кои многу добро ги организираше за подобрување на знаењата на луѓето.“-рече професор д-р Јован Тофоски-претседател на Македонското лекарско друштво.
За предизвиците со кои се соочува лекарската професија проговори претседателот на Лекарската комора на Македонија д-р Кочо Чакаларовски. Тој вели дека од осамостојувањето на земјава па наваму, за жал, се повеќе се зголемува непочитувањето кон оваа професија во очите на граѓаните.
„Во последно време можам да кажам дека од лекарите се бара многу, не само на стручен план, туку доста и на административен план, валоризирање секојдневно на работата, придружување до одредени стручни норми во работата, пружењето на медицинска помош. Се е озаконето во нашата земја и се е базирано врз медицината заснована на докази. Не можеме ние да лекуваме врз основа на наше доскорешно знаење, мораме да се усогласиме со она што претставува императив за дадениот проблем во странство и во нашата земја.“-изјави Кочо Чакаларовски-претседател на Лекарската комора на Македонија.
Дел од ова годишно собрание беше и д-р Андреј Кехајов од Бугарија, претседател на Асоцијацијата на лекарски здруженија од Југоисточна Европа. Неговото присуство е со цел да се најави одржувањето на 5от Меѓународен конгрес на лекарите од ЈИЕ на кој домаќин ќе биде токму нашиот град.
„Сите теми кои ќе бидат покренати се исклучително значајни и убеден сум дека форумот е исклучително значаен не само за лекарите туку и за општеството во кое живееме, токму затоа сите тие конвенции кои се организираат, па и оваа се со цел да ги допрат најактуелните проблеми кои ги имаат здравствените системи и прашањата кои ги засегаат и лекарите и општеството.“-вели д-р Андреј Кехајов, претседател на Асоцијацијата на лекарски здруженија од Југо-источна Европа.
Овој меѓународен лекарски конгрес ќе се одржи во месец Септември годинава, а на него ќе земат учество лекарски здруженија од 17 земји од ЈИЕ. Конгресот е поддржан од европски и светски институции, како и од СЗО, а досега два пати се одржувал во Бугарија, по еднаш во Србија и Словенија, и сега за прв пат во Охрид, Македонија.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град