Денес во хотел Дрим Струга беше промовирано регионалното поврзување на невладиниот сектор и СВР Охрид. Тоа претставува суштински чекор за унапредување на соработката помеѓу полицијата и невладиниот сектор, во насока на градење на меѓусебна доверба и партнерски однос во решавањето на безбедносните проблеми на граѓаните.
Невладиниот сектор и полицијата продолжуваат и понатаму во борба против секаков вид насилство. Таа соработка денес и официјално беше ставена на хартија, односно беше потпишан договор за регионално поврзување на невладините организации од Охрид и Струга и СВР Охрид.
„Тоа всушност значи зголемување на степенот на меѓусебната доверба и градење на партнерски однос во решавањето на безбедносните проблеми на граѓаните, заеднички ќе градиме постабилно и побезбедно општество“– вели Димовски.
Началникот на одделение на полицијата, Велко Спространов, нагласи дека законитоста во работењето, професионализмот, етичноста и транспарентноста се основни белези на работата на СВР Охрид, работејќи во интерес на граѓаните. Додаде дека потпишувањето на договорот за соработка претставува издигнување на граѓанскиот сектор за поактивно решавање на безбедносните проблеми и нов и демократски импулс на полициското работење.
„Денес СВР Охрид е современа полициска служба во која одржувањето на јавниот ред и мир, борбата против сите видови криминал и криминалитет, откривање на сторители на казнени дела и други сегменти на полициското работење, применува ефикасни, правни, демократски процедури и стандарди“ – нагласи Спространов.
Потпишувањето на заедничката соработка за вмрежување, е од голема важност, вели Драгица Павлеска Попеска од НВО Езерка, Струга. Таа нагласи дека Струга е најубавиот град и во неа има место за сите луѓе без разлика на национална и верска припадност, на што всушност и години наназад работат со голема поддршка на полицијата и ОБСЕ.
„Имаме доста проблеми кои што заеднички ќе ги решиме. Ние сакаме да делуваме за доброто на сите граѓани без разлика на верска етничка припадност, бидејќи истите проблеми не тиштат сите граѓани. Се бориме против сите видови на насилство, а посебно сакаме различностите да ни бидат предност, а не препрека“ – изјави Попеска.
Поздравно обраќање на настанот имаше и раководителот на ОРП\ОПСЕ, Исмаил Ферт. Тој истакна дека вмрежувањето на невладиниот сектор со полицијата ќе овозможи поддршка на целокупната заедница без оглед на етничкиот, културниот, верскиот или социјално економскиот статус.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град