Градоначалникот Никола Бакрачески задоволен од соработката со централната власт. Тој вели дека за кратко време биле издвоени средства за реализација на голем број проекти. Тоа се должи, објаснува градоначалникот на сериозниот ангажман од страна на службите во Локалната.
Интензивна и плодна е соработката на Локалната со органите на централната власт во изминативе неколку месеци. Резултат на тоа се големиот број проекти кои се во тек или веќе се реализирани, вели градоначалникот Никола Бакрачески.
Ние сме една од најпривилегираните општини во РМ во делот на реализација на заеднички проекти. Но тоа не е резултат на тоа што Општина Охрид е повеќе фаворизирана од другите туку се должи на огромните напори на службите на општина Охрид кои во изминатите неколку месеци интензивно работеа на оваа проблематика, рече Бакрачески.
Како еден од најголемите проекти Бакрачески ја потенцираше изградбата на автопатот Кичево-Охрид за што владата издвоила 300милиони евра. Овој проект ќе е од есенцијално значење за развојот на туризмот, но и целокупниот стопански развој на Охрид, рече Бакрачески. Тука го спомна и проектот за изградба на ски центар на Галичица, градската марина и долго најавуваниот затворен базен.
Изработена е урбанистичката планска документација и во тек е изработката на главниот проект. До крајот на оваа година со сигурност ќе започнат градежните работи за изградба на базенот, изјави Бакрачески.
Градоначалникот кажа дека имаат одлична соработка и со Агенцијата за патишта од што произлегла изградбата на патот од горно до долно Лакочереј. Се реализирал и проектот за осветлување на регионалниот пат од бензинската пумпа кај Билјанини извори до Св. Стефан. Планирано е и асфалтирање на патот од бензиската до Велестово. Во текот на оваа или наредната недела ќе се асфалтираат уличките во селото Косел, а ќе се прави и локалниот пат од Вапила до Сирула. Во тек е тендерот за втората фаза за изградба на фекална канализација во Село Лескоец. Со пари од Владата ќе се градат и шест повеќенаменски спортски игралишта. Бакрачески се пофали и на континуирана соработка со Министерството за култура кое ја подржува културата и културните манифестации во градов. Уште многу проекти се во план, вели Бакрачески. Градоначалникот не можеше со прецизност да каже колку средства ќе влезат од буџетот на Владата во Општина Охрид бидејќи постојано има нови проекти со кои се аплицира и за кои се очекуваат пари.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град