Најдобрите студенти од Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ од Охрид кои изработија Андроид апликација за „паметни телефони“ за потребите на компанијата „Техномаркет“ денес ги претставија своите финални проекти.
Студентите на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ од Охрид изработија Андроид апликација за „паметни телефони“ за потребите на компанијата „Техномаркет“ . Денес најдобрите тимови на студенти имаа презентација на своите проекти. Дел од нив велат дека им било задоволство да работат на овој проект и да стекнат ново искуство на полето на Андроид развојот.
Беше предизвик за нашиот тим. Ни одзеде околу месец и половина за изработката. Вложивме напорна работа, не беше лесно, но се надеваме дека трудот ќе се исплати. Тоа што го изработивме е Андроид апликација, работена во Java. Се состои од основните работи, локатор на продавници, баркод скенер, листа на продукти, промоции, вели студентката Илина Пејоска.
И за Антонио Николоски, координатор на другиот тим кој работеше на проектот ова била добра можност за самопроверка на знаењата и квалитетите од областа на технолошките науки кои ги изучуваат.
Нашата група создаде една софистицирана и современа апликација, која пред се ќе им овозможи на потрошувачите на „Техномаркет“ да дојдат до лесен пристан на информации и продукти, смета Антонио Николоски, студент.
Андроид апликацијата ќе биде достапна за преземање од интернет од наредната недела и ќе биде бесплатна, вели координаторот на проектот, професор Наум Тунтев. Позитивно е тоа што компанијата „Техномаркет“ овозможила ваква апликација да изработат студенти, и да се види потенцијалот на младите, а не претставници од некоја веќе докажана фирма, додава Тунтев.
Имавме неколку тима, кои вложија доста труд. Ова е доста добар пример како тоа што се изучува да се имплементира во реални проекти. Работењето со вакви проекти, е многу поразлично од практичната работа на факултет, објасна Наум Тунтев, координатор на проектот.
Од „Техномаркет“ се задоволни од соработката со студентите од Универзитетот „Свети Апостол Павле“.
Модерниот потрошувач е истражувач и ги следи сите последни светски трендови за најнови производи и услуги.Ние редовно се трудиме да им дадеме на нашите потрошувачи нешто креативно, модерно и несекојдневно. Целта на овој наш проект беше да им овозможиме на нашите потрошувачи на побрз, поефикасен и посовремен начин да дојдат до нашите производи и услуги, изјави Марија Ристовска, маркетинг менаџер на компанијата.
Наградата за креаторите на победничката апликација беше Самсунг галакси таблет од „Техномаркет“.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град