Во рокот за поднесување на апликации за најпрестижното општинско признание, на адресата од локалната самоуправа пристигнати вкупно четиринаесет апликации.
Вкупно четиринаесет поднесени апликации за конкурсот за доделување на најпрестижното општинско признание, наградата „Свети Климент Охридски“ и повелбата. Крајниот рок за поднесување на апликациите истече вчера.
Шест од пристигнатите апликации конкурираат за „Светиклиментовата награда“, а осум за повелбата. Се чека до локалната да пристигнат апликациите кои во предвидениот рок биле испратени по пошта. Годинава, во донесувањето на одлуката кој ќе биде добитник на највисокото општинско признание на градоначалникот Никола Бакрачески ќе му помага посебна комисија формирана за таа цел. Бакрачески појасни дека комисијата е составена од истакнати и авторитетни личности кои имаат свој личен професионален или општествен бекграунд и лица кои припаѓаат на различни сфери од општественото живеење. Тоа би требало да биде гаранција дека наградата ќе оди во вистински раце.
„Воопшто не се сомневам дека оваа година, тие ќе го предложат најдоброто можно решение и најзаслужниот граѓанин или организација ќе биде добитник на оваа престижна или привилегирана награда.“-вели градоначалникот Никола Бакрачески.
Имињата на добитниците на Наградата и Повелбата на патронот на Охрид, Св Климент треба да се објават најдоцна до 7 декември, а нивното доделување ќе биде на свечената Академија која ќе се одржи на 8 декември кога се слави празникот на светецот заштитник на Охрид. Годинава има предлог покрај добитниците, да бидат објавени и имињата на сите апликанти за повелбата. Инаку за потсетување, лани Светиклиментовата награда отиде во рацете на истакнатиот македонски поет,
Славе Ѓорго Димоски. Пред него, во 2011та година, највисокото општинско признание, отиде во рацете на митрополитот Дебарско-кичевски, господин Тимотеј. За охриѓани, најоспоруван добитник на наградата, досега беше бизнисменот, Велија Рамкоски кој во 2010та ја делеше наградата со здружението „Богојавление“ и НУ „Фестивал Охридско лето“. Таа година претставници од фестивалот на академијата не се појавија да ја примат наградата. Доделувањето на награди и признанија секогаш е проследено со позитивни или негативни реакции од јавноста, што значи дека градоначалникот Бакрачески и комисијата за доделување на награди чиј претседател е Дејан Паноски, имаат не така лесна задача пред себе.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град