Зора Малеска веќе 15 год. живее под крошната на едно дрво, кога врнe дожд се покрива со најлонска кеса, а јаде само кога некои добри луѓе ќе се сетат на неа.
Четириесетипет годишната Зора Малеска веќе 15 години е без покрив над главата. Таа спие во ливада која се наоѓа близу нејзината семејна куќа. Кога врнe дожд Зора се покрива со најлонска кеса, а јаде само кога некои добри луѓе ќе се сетат на оваа намачена жена. Ваквата лоша судбина ја снашла одкога починала нејзината мајка а татко и ја избркал од дома.
Комшијата на Зора, Ефтим Наумовски вели дека некој друг кога би живеел во услови во кои опстанува таа сигурно не би преживеал.Тој заедно со неговата ќерка одвреме навреме и даваат да јаде, а многу пати и среде ноќ и варат чај за барем малку да се згрее.
Нејзиниот татко тврди дека Зора има психичко нарушување па затоа не ја прибира во нивниот дом. Во повеќе наврати ги искршила прозорците на семејната куќа. Зора објаснува дека тоа го прави од револт и додава „И да имам психички проблеми не е чудно бидејќи во животов многу имам пропатено“.
Во темниот свет на Зора денес се појави една светла точка. Црвениот крст од градов и постави шатор и кревет. Анета Јованоска, активист на оваа организација вели дека ова е само привремено решение колку да не биде директно изложена на временските неприлики.
Центарот за социјални грижи од поодамна е запознаен со овој случај. Тие уште пред неколку години и понудиле на Зора да ја сместат во дом во Катланово, но таа одбила. Не сака да е далеку од ќерката која живее со нејзиниот сопруг со кого е разведена. Зора вели „Ако треба и цел живот ќе го поминам овде само да си го гледам моето единствено чедо“.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град