Четирите девојки од овој состав важат за една од најголемите музички атракции на денешницата со над 5 милиони продадени албуми ширум светот.
Главната музичка атракција на фестивалот Охридско лето, фантастичниот гудачки квартет „Бонд“ за прв пат со свој настап во Охрид. Тања Дејвис, Иос Чатер, Геј-Ји Вестерхоф и Елспет Хенсон во музичкиот свет се познати по тоа што ги рушат бариерите и концептите за музички стилови и жанровски концепти.
Четирите Бонд девојки рекоа дека се воодушевени од Охрид, и дека со нетрпение го чекаат својот вечерашен настап.
„Ќе свириме многу, многу песни од сите наши албуми, особено нешто од нашиот нов албум. Исто така ќе свириме и едно посебно дело за овде, за Македонија. Тоа е песна која беше на нашиот прв албум наречена „Александар Велики“. Ја немаме свирено подолго време и навистина сме возбудени што ќе ја свириме.“-вели челистката Геј-Ји Вестерхоф.
Античкиот театар со својата магична акустика, ќе биде сцената на која овој гудачки квартет ќе воодушевува со своите изведби.
„Сеуште не бевме таму, но ќе отидеме попладнево и ќе имаме доволно време да го разгледаме местото. Го имаме видено само на слики и имаме слушнато за него и е апсолутно прекрасно, па сме многу возбудени.“-рече Елспет Хенсон, виола.
Покрај атрактивниот изглед на девојките, дополнително внимание привлекува и нивното холивудско име, за кое тие откриваат една поинаква приказна.
„Кога започнувавме да настапуваме, моравме да се одлучиме за име, некое што лесно ќе се изговара секаде низ светот. Тогаш повеќе мислевме на врската, музичката врска, пријателската врска. Џејмс Бонд аспектот беше само нешто додатно што едноставно беше тука.“-изјави виолинистката Иос Чатер.
И покрај бројните турнеи и настапи, сепак Бонд девојките велат дека досега успешно балансираат со приватниот живот.
„Имаме доста подршка од нашите семејства и партнери, па дури и ако поминуваме доста од нашето време на турнеи околу светот, често ги носиме нашите семејства со нас, на турнеја. Мислам дека така успеавме да го балансираме приватниот живот, да се осигураме дека тие доаѓаат со нас. Ние имаме време дома, но често одиме на доста интензивни турнеи, па потоа земаме слободно време.“-вели виолинистката Тања Дејвис.
Инаку гудачкиот квартет „Бонд“ од својот прв музички настап па досега има продадено неверојатни 5 милиони албуми ширум светот.
Тие црпат инспирација од класичните, латинските, фолк, џез, рок, електро, индиските и стиловите од Средниот исток. Имале безброј појавувања на телевизии низ Европа, Америка, Австралија, Централна Америка и Азија. Девојките од овој квартет се образовани на најпрестижните музички институции и универзитети низ светот како Royal Academy of Music, Royal College of Music, Guildhall и Trinity College of Music.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град