Специјалното возило за лица со хендикеп набавено како дел од хуманитарната акција „Декември, месец на отворено срце“, денес предадено во општински раце.
Специјалното возило за лицата со хендикеп кое беше набавено со средства од големата хуманитарна акција „Декември-месец на отворено срце“, конечно предадено во владение на општината.
Раководителот на здружението за лица со интелектуална попреченост „Зраци“, Зоран Костадиноски, вели дека првичната идеја била токму таа, ова специјално возило да биде наменето за сите лица со било каков хендикеп од градов.
„Полезноста на ова возило е во секој случај многу голема. Не можеме со зборови да ја опишеме. Самите лица, самите семејства знаат колку им е оневозможено нивното излегување, и колку ќе биде овозможено сега со користењето на ова возило, така да ќе си земам за слобода во нивно име да ја искажам благодарноста.“-вели Зоран Костадиноски, раководител на здружението за лица со интелектуална попреченост, „Зраци“.
Градоначалникот Бакрачески кој лично ги прими клучевите од специјалното комби возило, вели дека токму грижата за лицата со хендикеп е во приоритетните грижи во функционирањето на локалната самоуправа.
„Ние како локална самоуправа прифативме да целокупната грижа околу стопанисување со ова специјално возило, за регистрација, технички преглед, опслужување со шофер, гориво за возилото и негово целокупно сервисирање и одржување, да ја преземеме под наши ингеренции како локална самоуправа и сметам дека на тој начин го заокруживме кругот на комплетната реализација на овој проект.“-рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Претседателот на лајонс клубот „Лихнидос“, д-р Диел Аголи кој беше дел од хуманитарната акција, вели дека со ова возило се зголемуваат можностите на заедницата да се грижи за лицата со хендикеп.
„Се надевам дека оваа наша општествена одговорност ќе покаже резултати и ќе поттикне и други луѓе со големо срце да се вклучуваат во слични акции во иднина. Ова ќе биде традиционална акција и мислам дека и овој Декември ќе продолжиме со истата приказна и дека ќе стане нешто што ќе биде препознатливо за нашиот град. Сите хендикепирани и ранливи групи ќе имаат можност да ова го препознаат и можеби и тие лично да учествуваат во самите акции во приказнава викана „Хумано срце“.“-вели претседателот на лајонс клубот „Лихнидос“, д-р Диел Аголи.
Инаку ова специјално возило, беше набавено со средствата собрани од големата хуманитарна акција „Декември-месец на отворено срце“.
Иницијативата за оваа акција беше покрената од страна на ЈП „Охридски комуналец“ и Отпад Охрид, додека подоцна учество во неа зедоа и лајонс клубовите „Лихнидос“ и „Десарети“, Ротари клубот како и голем број на приватни фирми, училишта и секако локалната самоуправа. Хуманитарната акција заврши уште минатата година, а самото возило беше донесено во месец март оваа година.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град