Официјално формирани како комора во 2005та година, занаетчиите од Охрид за прв пат се здружиле уште во триесеттите години на минатиот век.
Занаетчиите од Охрид денес го слават Денот на регионалната занаетчиска комора. Овој ден се одбележува втора година со ред, а комората е формирана во 2005та година со Законот за вршење на занаетчиска дејност. Токму овој закон е еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат занаетчиите.
Во фаза на донесување е новиот Закон за вршење на занаетчиска дејност, а охридската занаетчиска комора е активен учесник во неговото креирање. Сашо Богоески, претседателот на Регионалната занаетчиска комора од Охрид вели дека нивна основна цел е законот да биде поприфатлив за занаетчиите, а не за коморите. Во ситуација кога голем дел од занаетчиите се на работ на егзистенцијата, Богоески вели дека побарал од владата тие да бидат ослободени од персонален данок во наредните две години.
„Во просек еден занаетчија плаќа околу 15.000 денари персонален данок годишно или околу 30.000 денари за наредните две години. Сметам дека тоа не е некој товар за буџетот на Република Македонија, а многу би придонело за опстанок пред се на занаетчиите, затоа што според сите евиденции, повеќе од 60% од занаетчиите работат со блокирани жиро сметки поради неплатени придонеси за плата и персонален данок.“-вели претседателот на регионалната занаетчиска комора од Охрид, Сашо Богоески.
Од регионалната занаетчиска комора од Охрид, работат и на воспоставување добра соработка и со новите локални власти.
„Се надеваме дека ќе имаме добра соработка со нив за развивање на занаетчиството. Минатата година планиравме да одржиме саем на занаетчиството во Охрид, ветено од претходниот градоначалник. Тоа не успеавме да го реализираме. Со новиот градоначалник се надеваме дека на првата средба ќе најдеме заедничко разбирање, да го афирмираме занаетчиството како стопанска дејност, со што би придонеле и за развој на туризмот, затоа што верувајте има доста втентични занаетчиски дејности интересни за странските туристи.“-рече Богоески.
Инаку регионалната занаетчиска комора поседува евиденција за сите вршители на занаетчиска дејност во Охрид и охридско, уште од 1965та година. Дополнително, во книгата на професорот Павле Митрески, наишле на податок кој вели дека првите занаетчиски здружувања во Охрид се случиле уште во триесеттите години на минатиот век. Еснафот се здружувал заради штитење на заедничките интереси и меѓусебно помагање. Од тогаш, па се до денес, занаетчиите се здружувале во различни форми како стопански здруженија, занаетчиски здруженија и сл.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град