Две отворени сцени во градов, Античкиот театар и сцената кај Долни Сарај ќе бидат привремено покриени со монтажен кров. Со ова решение нема да се наруши видикот и автентичноста на просторот, а ќе се добие на квалитет на звукот и заштита од временски непогоди, велат од Националната установа, Фестивалот Охридско лето.
Античкиот театар и сцената кај Долни Сарај ќе добијат монтажен кров. Овие две отворени сцени кои се многу значајни за два реномирани фестивали, а тоа се Охридско лето и Балкански фестивал на ваков начин ќе станат многу пофункционални, вели Елизабета Јанкуловска, директорката на Националната установа, Фестивалот Охридско лето. Таа објаснува дека монтажниот кров е многу практичен од повеќе аспекти. Пред се тој може да се поставува и вади кога е потребно, не го нарушува видикот и автентичноста на просторот. Оваа идеа тлее од поодамна но по се изгледа ова лето ќе се реализира, додава Јанкуловска.
Со монтажниот кров се добива и на квалитетот на звукот бидејќи дел од техничката опрема ќе може да се прикачи таму, објаснува директорката на Охридско лето. Тоа пред се ќе е случај со сцената кај Долни Сарај бидејќи е специфична по многу нешта.
На сцената на Долни Сарај во текот на овој месец ќе се интервенира и од страна на Центарот за култура, Григор Прличев. Директорката Драгана Боцевска вели дека од нивна страна ќе се санира подот, соблекувалните и пристапот до сцената. Целта на овие зафати е да се овозможат што подобри услови на учесниците на Балканскиот фестивал кој се одржува на почетокот на јули. Овој фестивал кој има петдецениска традиција е под покровителство на Центарот за култура и секогаш се одржува на оваа отворена летна сцена. Со овие интервенции и интервенциите од страна на Фестивалот Охридско лето со поставувањето на монтажниот кров Долни Сарај ќе биде сцена на која ќе посакуваат да застанат врвни уметниции, вели Боцевска.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град