Од 50та јубилејна олимпијада на млади техничари и природници се вратија со две трети награди.
Ѓоко Маркоски како млад биолог и Михајло Најдески како млад физичар и двајцата од ОУ „Христо Узунов“ се покажаа големи научници. На 50та јубилејна олимпијада на млади техничари и природници која се одржа во Битола, тие со своите проекти освоија две трети места.
Но не е толку до местата, колку до покажаната креативност и способност за аналитичко размислување. Ѓоко во Битола се покажа со резултатите од направеното двонеделно истражување на патогените бактерии кои ги има на најчесто користените површини од страна на децата. Ова истражување било правено во рамките на Центарот за јавно здравје од Охрид, а еве како во детали тоа се одвивало.
„Најпрво беа земени материјали за анализа, со стерилни брисеви, потоа тие беа засадени на крвни плочи и ставени на 24 часовна инкубација на 37 степени целзиусови. Потоа беше извршено првично читање и бактериите беа презасадени на друга подлога со чија помош се прави идентификација.“-рече Ѓоко Маркоски, ученик од ОУ „Христо Узунов“.
Ова истражување покажало присуство на неколку видови бактерии како што се стафилококус ауреус, ентерококус и ешерихија коли, а како најзастапена била токму стафилококусот. Воедно во испитаните училници било забележано и присуство на мувла што според истражувањето е индикатор на влага во воздухот.
„Заклучокот е дека бактериите покрај своите лоши страни имаат и добри страни, и дека без нив не можеме и затоа треба да научиме како да живееме со нив и како да избегнеме инфекции и болести. Ние предложивме 4 мерки за претпазливост и превенција. Тоа се редовно и правилно миење на раце, често проветрување, одржување хигиена во работната просторија и домот и редовно и правилно одржување на лична хигиена.“-вели Ѓоко.
Михајло Најдески пак е надежниот физичар од ОУ „Христо Узунов“. Неговиот ласерски алармен систем му донесе исто така трето место, а еве од што се состои овој проект.
„Овој ласерски алармен систем се состои од ласер кој е основен избор, рамни огледала од кои се одбива светлинскиот зрак од ласерот и стигнува до фотоќелијата која преку електродите на транзисторот се зголемува електричната енергија и потоа се создава електромагнетно поле и се уклучува сирената, кога овој зрак ќе се прекрши, почнува алармниот систем да свири.“-рече Михајло Најдески исто така ученик во ОУ „Христо Узунов“.
Инаку, оваа 50та јубилејна олимпијада на млади техничари и природници се одржа викендов во Битола, а беше организирана од Народна техника.
Двајцата талентирани ученици Ѓоко и Михајло беа воедно единствени претставници на оваа олимпијада од охридските училишта, а беа водени од нивните ментори, професорите Вера Зороска и Владо Андрески.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град