Дрвениот мост во Струга, жртва на негрижата на градот, реагираат стружани. Нема ниту трага од најавите на струшката Локална самоуправа за подигање на новиот современ премин во Струга, на местото од дрвениот пешачки мост на реката Црн Дрим, кој пред година и пол беше отстранет.
Струга градот на мостовите, сеуште чека изградба на нов премин. Само темел од метална конструкција на двата кеја од реката Црн Дрим, останаа како неми сведоци за мостот кој постоеше тука. Жителите на Струга, потсетуваат дека на местото каде пред година и пол беше демонтиран дрвениот пешачки мост, од памтивек постоел премин и сметаат дека тоа така треба да остане. Тие исто така велат дека мостот е само уште една жртва на не грижата на градските власти како во минатото така и денес.
Стружани очигледно како да ја изгубиле надежта дека ќе се изгради нов бетонски мост со челична конструкција, според современо конструкторско решение. Но затоа пак актуелниот градоначалник Рамиз Мерко е оптимист и рече дека изградбата на мостот стои во програмата за 2013 година.
„ Дел од средствата за изградба на тој мост ќе бидат обезбедени од Министерството за транспорт и врски, преку буџетот на Р.М. И се надевам дека до пролет тој мост ќе се изгради. Ние веќе шест месеци работиме со фирмата Искра Куманово за тоа како треба да се изведе главниот проект,кој се едни од конкурентите во тендерот за изградба на мостот“-рече Мерко.
Пешачкиот мост на реката Црн Дрим, во Струга, меѓу граѓаните познат како „Мостот на Нина“, е изграден кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век, по иницијатива на Уранија Нина Попоска, претседателка на тогашниот Извршен Совет на Општина Струга. Отстранет беше на средината од 2011 година, со ветување на актуелниот градоначалник Рамиз Мерко, дека до крај на 2012 истиот ќе биде подигнат, за што имаше и тендер за избор на најповолен изведувач, после претходен избор на најдобро идејно решение. По се изгледа теретот за подигање на новиот современ премин ќе падне на идниот градоначалник на Струга.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град