Тие им поделија новогодишни пакетчиња на децата со посебни потреби и на децата во детското одделение при Општата болница во Охрид.
Едно пакетче не чини многу, но една насмевка е бесценета. Денес функционерите од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го ширеа празничниот дух низ Охрид. Како поинаку освен со новогодишно пакетче.
За таа цел тие денес ги посетија децата од центарот за згрижување на деца со посебни потреби во црквата Света Ѓорѓија. Децата со насмевка на лицето им посакаа добредојде, и им ги честитаа новогодишните празници.
„Нема поголемо задоволство, нема поголема радост, ниту општествена сатисфакција кога на некои категории на лица кои живеат во општеството или на деца со посебни потреби им го зголемувате чувството на радост, среќа и на задоволство. Ова е само еден многу мал гест, мало внимание, со кое што ние сакаме да го подигнеме тоа чувство на задоволство кај децата со посебни потреби, во предновогодишната атмосфера.“-вели д-р Никола Бакрачески од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.
Д-р Бакрачески потенцираше дека овој гест не е доволен и единствен, туку дека треба многу повеќе да се работи на згрижувањето на овие лица.
„Грижата за овие категории на лица треба да биде перманентна. Гестот на доделување на пакетчиња сам за себе е само едно мало внимание, меѓутоа она што сакам да го напоменам е дека оваа категорија на лица заслужува многу повеќе, како од страна на поединците во едно општество, така и од страна на институциите, како од локалната самоуправа, така и од централната власт. Сите ние, целата заедница мора да биде ангажирана во градењето на социјалната компонента и во подобрување на секојдневието на овие лица.“-рече д-р Бакрачески.
Од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ продолжија да делат радост и во детското одделение при Општата болница во Охрид. Подарените пакетчиња ги изненадија мајките со своите малечки бебиња, но и останатите дечиња кои се наоѓаа на детското одделение.
Во оваа предновогодишна акција, беа поделени околу триесеттина пакетчиња.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град