Новоформираното здружение „Центар за едукација и менаџмент во спортот“ ќе ги обединува сите аспекти на спортот од организација на турнири, до семинари, трибини, па и правна заштита на спортистите.
Младите се движечката сила на промените, особено во спортот. Иако состојбите во македонскиот спорт се онакви какви што се, се чини има некаква надеж за сето тоа да се промени. Токму унапредувањето на македонскиот спорт е целта на новоформираното здружение Центар за едукација и менаџмент во спортот. Нивниот претседател, Бојан Захариев, па и сите негови соработници сметаат дека развојот на спортот започнува токму од младите и од раната училишна возраст кога децата се определуваат за некој од спортовите. Но по основното образование, оваа пасија и оваа врска со спортот некако нагло изчезнува.
„Проблемот настанува точно во фазата кога нашите дечиња на петнаесет годишна возраст, или престануваат активно да се занимаваат со спорт или се разочаруваат во некој поглед од инфраструктурата или од недоволна организираност во клубовите. Меѓутоа тенденција ќе биде заедно со институциите во државата, значи ништо не работиме паралелно, чисто сме формирани од спортска побуда и идеја, да соработуваме во тој дел, да се создаде добра основа за работа. Инфраструктурата е нешто подобрена за разлика од минатото, меѓутоа системот на стандардите заеднички да го наметнеме за децата да можат да напредуваа и да продолжат кон врвниот спорт.“-вели Бојан Захариев, претседател на Центарот за едукација и менаџмент во спортот.
Поранешниот македонски фудбалски репрезентативец и претседател на комисијата за фудбал при ЦЕМС, Артим Шаќири, смета дека ситуацијата во македонскиот спорт е на незавнидно ниво. Тој вели дека ова е само првиот чекор и дека не може уште утре да се случи некаква промена.
„Со овој проект сакаме што повеќе да ги вклучиме децата во спортот. Затоа што во спортот, особено фудбалот, не е дека на дваесет години талентот ќе направи се. Талентите не се раѓаат на дваесет години, не се станува талент на 20-25 години, талентите се од мали деца. Ние сега почнуваме да бараме такви таленти, такви деца. Особено децата да ги тргнеме, да не седат подолго време по интернет, по компјутери, да не губат време во тоа, туку што повеќе да спортуваат.“-рече Шаќири.
Токму во таа насока, Центарот за едукација и менаџмент во спортот, ќе организира турнири во 25 различни спортови, ќе организираат и трибини и семинари со цел подобра едукација и на спортските работници. Легендата на македонскиот ракомет, Пепи Манасков, кој воедно е и претседател на комисијата за ракомет во ЦЕМС, смета дека формирањето на оваа организација треба да значи нов почеток за македонскиот спорт.
„За прв пат нешто ново во Македонија, ЦЕМС, една организација формирана како здружение на граѓани, за доброто на спортот, еден почеток нов, што треба да следи за во иднина, комплетна едукација, промоција. Сите сегменти што ги содржи спортот, ги содржи и оваа асоцијација. На сам почеток сме, вршиме една промоција по сите градови на Македонија.“-изјави Манасков.
Инаку во рамките на ЦЕМС кој функционира веќе три месеци, ќе бидат организирани неколку спортски активности во градов и тоа организација на „Мини балканијада“ од училишни спортови кон крајот на месец Април. Во месец јуни пак на предлог на претседателката на комисијата за пливање, Наташа Мешковска ќе се организираат активности на охридскиот базен. А освен овие конкретни спортски настани, ќе се одржи и стручен семинар на тема: „Масовноста во спортот и насочување на најмладите да се вклучат во разни спортски клубови во градот.“
Турнирите кои ќе ги организира Центарот за едукација и менаџмент во спортот ќе бидат воглавно финансирани од странски амбасади, со што учесниците ќе бидат ослободени од товарот да бараат спонзори за учество. Инаку ЦЕМС, засега брои околу 200 членови кои функционираат преку 12 комисии.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град