Никна современо училиште во Вевчани. Оваа инвестиција на Владата на Р. Македонија, вредна над 1 милион евра долгорочно ќе го реши просторниот проблем со кој досега се соочуваше Вевчанското О. У. „Страшо Пинџур“, изведувајќи настава во општинската зграда.
Основците од Вевчани, најверојатно во второто полугодие од учебната година ќе стапнат во новата училишна зграда. При крај се работите околу изградбата на современото училиште Страшо Пинџур. Допрва треба да се изградат спортски игралишта, забавни паркови и пристапни патишта. Првиот човек на училиштето Марјан Костојчиноски, истакна дека изградбата на новиот училишен објект се должи на несебичниот ангажман на градоначалникот на Вевчани, Перо Илиевски, кој постојано лобирал до Владата на Р. Македонија поточно до ресорното министерство да одобрат средства за оваа капитална инвестиција, што секако на крај вродило со плод.
„Имаме некаде околу дваесетина простории бидејќи во современото време одиме на девет годишно основно образование. Вкупниот број на ученици во моментов е 250 ученици со тенденција на наголемување на бројот ова училиште ги задоволува сите стандарди на едно европско училиште со капацитет од 500 – 700 ученици“-вели директорот.
Костојчиноски оптимист во најавите дека основците во второ полугодие од оваа учебна година ќе го сефтосаат новиот објект. Со оглед на неговата нова местоположба на излез од месноста, директорот смета дека нема да има потреба од организиран превоз.
„Со оглед на кратката дистанца на движење што е помалку од три километри мислам дека не би имало таква потреба но доколку има потреба не е исклучена можноста да побараме и превоз“-рече Костјчиноски.
Заложбите на директорот Костојчиноски ќе бидат, училиштето да го направат енергетски независно како би се надминале давачките околу нафтата и длабоко е убеден дека со помош на општинскиот тим ќе го реализираат и тоа. Целокупната финансиска конструкција околу изградбата на новото вевчанско училиште е над 1 милион евра, средства на Владата на Р. Македонија, односно на Министерството за образование. Костојчиноски ни откри дека најверојатно новата училишна зграда на О.У. „Страшо Пинџур“, ќе биде преименувана во О.У. „Свети Спас“, бидејќи според него во Вевчани организираното образование влече длабоки корени уште од турското време, кога во далечната 1834 година од страна на турските власти вевчанци добиле изим за изградба на црква и црковно училиште.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град