Дел од нивните слики, изложени во Куќата на Робевци.
Охридските зографи се прочуени по нивната умешност, по убавината на нацртаните фрески и икони кои ги красат нашите цркви. Оваа, по малку заборавена уметност ги пронајде своите возобновувачи. Млади, талентирани уметници, со стручна наобразба во уметничките центри во Белград, Софија, Букурешт, со својата мирна рака ги сликаат делата достојни на нивните надалеку познати претходници. Дел од нивните дела се изложени во Куќата на Робевци.
„Во разговори со младите уметници, дојдовме до заклучок дека е паметно да се направи една таква изложба, и оваа изложба е трета по ред. Првата беше посветена на историјата на иконографијата, како прв пат настанале иконите, втората изложба беше посветена на создавањето на технологијата на икони, секаде низ Православниот и Католичкиот свет, како се работи целата технологија на иконите, и оваа е посветена на Охрид, како еден од големите културни центри, бидејќи сите знаеме дека охридската колекција покрај Синајската, Светогорската колекција, е една од најзначајните во светот.“-вели кустосот и советник за современа уметност при националната установа „Завод и музеј“-Охрид, Никола Николоски.
Со свои дела во оваа изложба учествуваат уметниците Драган Ристески, Александар Патчев, Владислав Коцарев, Ванчо Димоски и Цветлана Кочоска. Овие млади и талентирани зографи според Николоски во вистинска смисла на зборот го доловуваат автентичниот византиски почекот на иконографијата.
Тој додава дека пред се охридските зографи се тие што имаат посебна должност и предизвик при сликањето на своите икони.
„Постојат зографи и во Битола и во Скопје, и во Прилеп. Постои зографска работилница од сестрите во манастирот Зрзе, постои исто така и во Јован Бигорски и таа традиција и црквата ја обновува. Игумените и калуѓерите и калуѓерките кои сликаат икони. Но овие охридски сликари бидејќи имаме најтешко наследство, бидејќи тука ни е галеријата на икони да се споредува и најмногу мислам дека се трудат да го задржат вистинскиот автентичен стил на иконографијата.“-рече Николоски.
Делата на овие млади зографи, не се наоѓаат само на вакви изложби. Нивната работа е видлива и во голем број цркви во охридско. Оваа трета изложба е со помал број на експонати од претходните, но Николоски отворено ги покани сите млади уметници да ја посетат Куќата на Робевци и да разговараат околу можноста и нивни икони да бидат дел од овие изложби.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град