Терапијата за оваа болест, за разлика од порано, е далеку поефтина.
Го носи епитетот „тивок крадец на коските“, ги напаѓа повозрасните граѓани, претежно жените, остеопорозата е болест која често поминува незабележано. Оттука превенцијата на оваа болест е од големо значење во намалување на нејзините драматични ефекти.
Се наоѓаме во месецот на остеопорозата во кој се организираат најразлични активности, насекаде низ земјава со цел подигање на нивото на информираност за начините на превенција, но и последиците од нетретирањето на остеопорозата.
„Остеопорозата претставува системско скелетно заболување кое се карактеризира со ниска коскена маса и со микроархитектурно оштетување на коскеното ткиво што води до зголемена кршливост на коските и до појава на скршеници. Остеопорозата е тивка болест и незабележителна. Обично се дијагностицира тогаш кога ќе се случи првата скршеница.“-вели д-р Лилјана Котлар, специјалист-интернист при Општата болница од Охрид.
Кај остеопорозата ретко се јавуваат болки, па затоа и нејзиното детектирање е толку тешко.
„Остеопорозата се јавува во поодмината возраст, меѓутоа остеопорозата е претежно болест која се јавува кај жените, а поретко се јавува кај мажите и тоа се јавува најчесто во периодот непосредно пред менопаузата и веднаш после менопаузата. Остеопорозата е болест која настанува заради намалена количина на естрогени хормони во организмот.“-рече д-р Котлар.
Оваа болест по стапката на инвалидност и морталитет, се наоѓа на четвртото место во светот, веднаш зад кардиоваскуларните, малигните заболувања и дијабетесот. За разлика од порано, третирањето на оваа болест сега е далеку поефтино. Лековите кои се препишуваат како терапија за остеопороза се наоѓаат на позитивната листа на лекови и можат да се набават на рецепт.
Во насока на превенирање на остеопорозата и скршениците како последица на остеопороза, д-р Лилјана Котлар во просториите на Црвениот крст, имаше и предавањa на оваа тема за кои вели дека секогаш има огромен интерес.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град