Жанко З`Ш и Сашо Митан за дваесеттиот роденден на Супер Радио, ќе се обидат и на радиото, и на Охрид, да му подарат емисија за Гинис.
Домаќините на охридското Супер радио, Жанко З`Ш Голабоски и Сашо Митаноски, наместо роденденска торта, ќе се обидат на радиото, па и на градот, да му подарат емисија за Гинисов рекорд. Поводот е 20от роденден на Супер радио. Идејата им дошла уште пред 6 месеци и веднаш се истакнала по атрактивноста, па се одлучиле да го соборат рекордот кој го држи германското радио Кис ФМ со 74 часовна емисија. Охриѓани, Македонија, а богами и целиот свет, освен на радио, имаат можност Жанко З`Ш и Сашо Митан, да ги гледаат и преку видео пренос на веб страната на Супер радио. Пријавувањето велат е многу едноставно, но затоа пак правилата се многу строги.
„Пријавувањето е сосема нормално, сето тоа оди на мејл, нема некои посебни математики. Со оглед на тоа што луѓето претпоставувам дека дневно добиваат, можете и сами да замислите колку пријави за уривање на рекорди, со оглед на тоа колкава е нивната книга. Тие тоа го имаат решено многу едноставно, на таа огромна бројка, јас се зачудив како тоа го имаат одлично решено. Тие ти испраќаат, ти викаат ова се нашите правила, доколку ти се наоѓаш овде, доколку тоа можеш да го исполниш, повели. Значи ние им вративме повратен мејл, добивме одобрение дека можеме тоа да го направиме, тие ни испратија некои 10 до 13 страници мислам дека се правила.“-вели Сашо Митаноски, сопственик на Супер радио.
Ај што се многу на број, правилата морале и да ги преведуваат од англиски на македонски јазик. Меѓу другото, според правилата, екипата мора заедно да ги најавува сите песни, а песните не смеат да бидат пократки од 2 минути и подолги од 5. А еве за што ќе се разговара во оваа емисија за рекорд.
„Па ќе прајме муабет претежно за оризовите полиња во Кочани и Кочанско, тоа ни е една од главните теми, сакам малу да напрам осврт за сточарството во Македонија, претежно на Осоговските планини и на Јабланица, а мал осврт ќе напрајме и за младите брачни парови кои немаат деца до 40 години или кои имаат само едно дете, и неженетите односно немажените до 35 години, строго да се казнет и да се санкционирет. Строго сериозни теми. Се зезам, значи прајме нормално забавен карактер, имаме многу гости, многу луѓе од страна, тераме со многу јавувања, многу пораки. Во изминативе 30 саати ни се јавија па мислам од целиот свет. Немат држава од кај шо не се јавија.“-рече водителот на Супер радио, Жанко З`Ш Голабоски.
Засега велат ги следиме сите правила, а за рекордот ќе видиме.
„Сме релаксирани затоа што дали 74, дали 70, дали 48 сати не мојме однапред да знајме. Зато шо, шо знам шо ќе се десит со здравствената состојба. Лесно е да го маваш некого по рамо, да го тапкаш и да му речиш абе брат шо се 3 и пол дена, мојш ти. Имат тука доктори, доаѓаат на секои два часа, имаме прегледи. Ако оценат дека нешто не е во ред, боже мој, луѓе сме, во секој случај сега засега сме добри, па целта ни е да го обориме, да се обидеме да ги победиме германците, ако не, да сме здрави и живи, среќни и весели, тераме пак со позитивна енергија.“-вели Жанко З`Ш.
За среќа не е се само работа, екипата на Супер радио ќе има можност да одмора на секои 6 часа по 30 минути.
Веќе го собориле рекордот поставен од познатиот шоумен, Игор Џамбазов од 24 часа и една минута, па велат со друштво, со верни пријатели и поддржувачи колку ќе издржиме-издржиме, важно дека роденденот почна веќе од пред 30 часа, го тераме 4 дена и славиме секој ден.
Нас ни останува само да им честитаме дваесетти роденден, да си дочекаат уште многу и да држиме палци за Гинис.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град