По десет години рапидно зголемување на кривични дела извршени од повратници, во 2012та година, конечно пад на бројките.
Сигурно сте ја слушнале во соопштенијата на СВР-Охрид, често употребуваната фраза „сторителот на делото и е добро познат на полицијата.“ И тоа навистина е така. Според бројките на СВР, добар дел од престапниците кои извршиле некое кривично дело, повеќе од еднаш се сторители на такви дела. Во периодот од 2001та до 2011 година, овие бројки рапидно се зголемувале и тоа од 623 престапници-повторувачи во 2001та до 1435 во 2011 година за територијата на Охрид, Струга, Кичево и Дебар. За среќа, годинава во изминатите 9 месеци, оваа тенденција, барем во Охрид е различна.
„Само во Охрид, биле евидентирани вкупно 253 кривични дела од кои што 134 се сторители повратници во извршувањето на кривичното дело. Секако дека ова е значителен пад на бројката и на извршени кривични дела, и на сторители повратници. Секако дека ние како служба воопшто не сме задоволни од оваа бројка, бидејќи сметаме дека постои многу голем простор за заедничко делување и интензивирање на меѓусебната соработка помеѓу сите институции коишто предмалку ги споменав и во таа насока е и денешната тркалезна маса.“-вели портпаролот на СВР-Охрид, Стефан Димоски.
Од Центарот за социјални грижи се согласуваат околу потребата од меѓуинституционална соработка за справување со овој проблем. Директорот на Центарот за социјални грижи, Екрем Каљоши, вели дека тие се фокусираат повеќе на превентивното делување, во смисла на разговори со потесното семејство, но и со самите извршители на кривичните дела.
„Можеби превентивно делување како и вклучување на сите други институции кои што треба да бидат поактивни за надминување на таа ситуација. Кога веќе велам вклучување на другите институции, сметам на здравството, сметам на локалната самоуправа. Здравството, нормално, доколку тие лица имаат здравствени проблеми, локалната и надлежните институции за работно ангажирање на истите луѓе и училиштата. Сметам дека повеќе институции, поефикасно ќе решаваат, а поригорозни казни сметам дека нема да биде целисходно.“-рече Екрем Каљоши, директор на Центарот за социјални грижи од Охрид.
И претседателот на Основниот суд во Кичево, Баки Алили смета дека поригорозните казни за прекршителите повторувачи, нема да го имаат потребниот ефект. Тој вели дека треба да се обрне поголемо внимание на ресоцијализацијата на прекршителите по завршувањето на казната затвор.
„Не е само во казните. Многу е важно општеството мора да размисли и за нив малку, а во таа смисла, по завршувањето на казната, секој сторител на кривично дело мора општеството да мисли за нив, во смисла да има нови работи, нови вработувања за нив, бидејќи еве ќе земам еден пример, еден сторител на кривично дело по завршувањето на неговата казна, ако тој нема со што да се занимава, јас сум убеден дека тој пак ќе го стори тоа нешто.“-изјави Баки Алили-претседател на Основниот суд во Кичево.
Инаку со цел надминување на проблемот со повторниците во криминалитетот, СВР-Охрид ја иницираше денешната средба со претставниците од полицијата, претставниците од судовите, обвинителствата, казнено поправните установи и други субјекти директно повикани во разрешувањето на овој сериозен проблем.
Да се надеваме дека желбата за меѓуинституционалната соработка ќе продолжи и по завршувањето на оваа тркалезна маса.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град