Во чест на нивното дело, локалната самоуправа, советниците и претставници од Сојузот на борци, положија свежо цвеќе пред спомен обележјата во градскиот парк.
23 Октомври е денот кога државата празнува и го одбележува почетокот на организираната револуционерна борба. И Охрид како и останатите општини ја оддаде својата почит кон македонските револуционери.
Претставници од Локалната самоуправа, заедно со охридските советници и претставниците од Сојузот на борци од општините Охрид и Дебрца, положија свежо цвеќе пред спомен обележјата на охридските илинденци, Христо Узунов и Методи Патче. Потпретседателот на Сојузот на борци, Никола Стефаноски, смета дека убаво е што се одбележува овој празник, но дека треба да се стори многу повеќе, особено за младите кои не ја познаваат историјата.
„Младата генерација малку знае, не само за овој празник, туку и за многу други празници. Во мое време секој празник, секое школо одбележуваше со најразлични манифестации, со распишување на наградни конкурси за писмени дела, раскази, песни итн. Се доделуваа книги како признанија. Денеска тоа не се прави. А децата како ќе разберат за значењето на празникот ако не им се каже?“-вели потпретседателот на Сојузот на борци, Никола Стефаноски.
Стефаноски вели дека треба да се одвои време за да се научат децата на сопствената историја. Свежо цвеќе пред спомен бистите на илинденците положи и претседателот на Советот на општина Охрид, Душко Јаковчески.
„Општина Охрид се вклучи во празнувањето на Денот на македонската револуционерна борба и тоа е знак дека Македонија не е држава од вчера, туку за оваа држава што ја имаме денес се бореле плејада и плејада генерации и борци за да го имаме ова што го имаме денес, самостојна Република Македонија.“-рече Душко Јаковчески, претседател на Советот на општина Охрид.
И советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Паноски се согласува околу значењето на овој датум. Тој вели: Од овој ден почнува организираноста на македонската револуционерно движење кое потоа следствено води и низ илинденскиот период и низ НОБ.
„Ова е сржта и почетокот на се она што значи организирано револуционерно движење. Охрид во тоа револуционерно движење дал многу и затоа сметам дека со многу поголема чест и со многу поголема организираност треба да се одбележува во Охрид овој празник, притоа имајќи општонароден карактер, притоа имајќи свечени академии на кои ќе се разговара за историски факти. Премалку е само еден настан, само едно положување на цвеќе за еден ваков навистина важен ден за Македонија.“-вели Дејан Паноски-Советник-ВМРО-ДПМНЕ.
23 Октомври, како државен празник се воспостави во 2007 година. Инаку на овој ден, далечната 1893 година, во куќата на Иван Хаџи – Николов во Солун, е формиран македонскиот револуционерен комитет. Негови основоположници биле д-р Христо Татарчев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град