Во основното училиште „Христо Узунов“ креативноста се негува уште од мали нозе.
Децата се познати по тоа што умеат од ништо да направат нешто. На нивната огромна креативност навистина и нема граници. Ако се сомневате во тоа тогаш ви ги претставуваме учениците од основното училиште „Христо Узунов“. Тие, со сопствен труд, направиле интерактивна бела табла. Потребни им биле само делови од познатата играчка конзола Нинтендо Вии, лед диоди и голема доза на иновативност. Идејата ја добиле од на интернет, а ни објаснија дека тоа е онаа табла на која се прават визуелни презентации.
„Интерактивната бела табла беше препознатлива по својата уникатност затоа што беше единствена во Македонија која што беше рачно направена затоа што тие се многу скапи. Достигнуваат до две илјади долари, а ние ја направивме за неколку стотини денари и навистина излезе како купечките табли. Интерактивната бела табла беше составена од повеќе елементи кои што ние ги пронајдовме, а некои сами ги составивме, како на пример ова пенкало што сами го составивме. Ова да се купи би било некаде околу 50 долари, ние баш и тој податок го побаравме, а нас пари ни требаа само за оваа лед диода која што чини некаде од 20 до 30 денари, другото беше се рачно направено без никаков трошок.“-вели Марија Танеска-учесник во проектот „Интерактивна бела табла“.
Но младите физичари од „Христо Узунов“ не ги бива само за ова. Тие се одлични и во решавање на нумерички задачи, за што сведочат и бројните први места од натпреварите каде што учествувале. Па ги прашавме зошто овие задачи се толку посебни.
„Тешки се, но се трудиме да го дадеме својот максимум. Се трудиме секогаш да го обелиме образот на нашето училиште. Се подготвуваме во текот на целата година, но најактивни сме кога се приближува натпреварот.“
„Тоа се задачи кои се потешки, пологички од оние на училиште што ги решаваме, но се трудиме да ги решаваме и да го користиме својот труд.“
„Задачите се тешки, многу логички. Треба логиката навистина да ви работи. Математиката е исто присутна во сите задачи, па со комбинирање на математика и физика, се трудиме најдобро да ги решиме.“
„Секогаш имаме трема пред натпревар иако сме подготвени, се чувствуваме како да не знаеме се.“-рекоа дел од нив.
Големо внимание на поттикнување на креативноста на децата посветуваат нивните учители. Професорката по физика, Вера Зороска која непосредно учествува во сите овие проекти, вели дека креативноста на децата многу лесно излегува на површина кога тие ќе увидат дека она што го сработиле можат некому да му го презентираат.
„Како и секој наставник имаме различни форми и методи кои се користат на часовите по физика и секогаш интересот е децата да бидат изненадени, да има емоција, односно да сакаат да бидат на часот и да се чувствуваат убаво. Поради тоа мојот пристап е таков каков што е.“-изјави Вера Зороска-наставник по физика во основното училиште „Христо Узунов“.
Инаку идеите за овие проекти произлегуваат на самите часови, а децата подоцна го избираат она што им е најинтересно. Засега се на почетокот од оваа учебна година, па во моментот немаат некој нов проект, но ветуваат дека за многу брзо ќе излезат со некоја нова иновација.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град