Но, само за празниците за кои Охрид е најпосетен од туристите.
Угостителските објекти во Охрид за време на туристичката сезона ќе работат со продолжување од еден до два часа. Но, само за празниците за кои Охрид е најпосетен од туристите. Пред донесувањето на ваквата одлука од страна на мнозинството на Советот на општината, претходеше реакцијата на жителите од Урбаната заедница Стар Град.
Членовите на Урбана заедница еден, бараат да не се продолжува работното време на угостителските објекти во викенд зошто велат, за гостите секој ден е викенд.Тие исто така со барање, концесионерите на плажите стрикно да се придржуваат до работното време . Потенцираат да не се дозволи на плажите да се организираат настани и концерти после дозволеното работно време бидејќи како што велат, истите за дискотеки на отворено немаат лиценца.
Во соопштението уште стои дека во последните години масовно се ивестираше во сместувачки капацитети во овој дел од градот, преку што се обезбедуваат приходи на голем број семејства кои сакаат сопствената инвестиција да ја повратат без да бидат попречувани од угостителските објекти. Мнозинството на Советот пак, на вчерашната седница како што велат донеле соломонско решение, избалансирано, но сепак засновано врз законските одредби, а сепак земајќи ја во предвид реакцијата на жителите на стариот град.
„Значи се обидовме, јас мислам дека успеавме да направиме еден баланс и помеѓу желбите на угостителските работници и помеѓу маките кои пред се ги имаат жителите на стариот дел на градот и туристите кои пред се претстојуваат во нашиот град“ вели координаторот на советничката група на СДСМ Томислав Тунтев.
Наједноставно кажано, работното време на угостителските објекти во месец јуни во текот на пет празнични денови се продолжува за еден час, во јули 5 дена работното време ќе биде продолжено за два часа,а два дена за еден час. Во август, во текот на 11 празнични дена работното време ќе биде продолжено за два часа, а во септември, октомври, ноември и декември во текот на три дена од овие месеци, угостителските објекти ќе работаат подолго за еден час. Е сега колку оваа одлука ке се почитува, тоа е веќе друга приказна. Без координација во дејствувањето на сите релевантни фактори, многу веројатно е да се повтори приказната од годините наназад.
„Доколку во оваа држава, се спроведуваат законите, пред се за Заштита на човековата средина, по однос на бучавоста, доколку инспекциите си ја вршат работата и доколку законите се спроведуваат неселктивно, тогаш ние сме сите објекти да работат 24 часа.Ако граѓаните и туристите намат последици од таквата работа нема причина зошто да не работат. Секој туристички центар во светот, туристие бараат да имаат содржини, но изгорени сме од минатите години“, објаснува Тунтев.
Деновите во кои се продолжува работното време се утврдени согласно ингеренциите на советот и предлогот донесен врз основа на програмата за одбележување на манифестации и празници, објаснува Тунтев. Додава дека Законот за угостителска дејност, дава право и надлежност на Советите на општините да одлучуваат за продолжување на работното време во максимално траење од три дена, со продолжување од два часа.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град