Природните убавини на градот веќе не се доволни за успешен туризам.
Се чини помина времето кога Охриѓани важеа за најгостопримливи домаќини. Работите како да фатија некоја удолница, но за среќа има и светли точки. Угостителите од градов сложно прифатија дека некои нешта треба да се променат за да ни тргне работава. Ако не сите, тогаш повеќето угостители, седнаа на иста маса и учеа бон-тон од Агенцијата за протокол. Дел од нив сметаат дека ова што се предава на обуката не е ништо ново, но дека навистина му е потребно на градот.
„Бадијала е ако еден угостител отворил врвен локал, најдобар, а персоналот не му е обучен. Ова ни недостигаше и мислам дека би било во ред сите да бидат присутни па да го поддржиме и примениме ова.“-вели Благоја Ристески-угостител.
За жал лошите вести брзо се шират. Според одредени статистики правени во светски рамки, еден незадоволен гостин, спречува 35 потенцијални гости да дојдат.
„Насмевката е клучна, тоа е она прво што се памети, но не е само насмевката. Гостинот бара вредност за своите пари, гостинот не може да се задоволи само со убава природа и езеро. Гостинот бара активности на коишто ќе може да се посвети, сопругите бараат активности, децата бараат. Секој гостин сака да биде исклучителен и да замине со насмеано лице. Она што ние упорно како држава го промовираме природни убавини тоа стои, но природните убавини веќе не се доволни. Потребен е добар, квалификуван, спретен, човечки персонал кој ги знае тие правила на однесување.“-рече Лукреција Мајковиќ Атанасовска-Директор на Агенција за протокол
И од секторот за туризам и локален економски развој согласни со потребата од вакви обуки. Од таму велат дека ваквите препораки се вметнати и во стратегијата за туризам на град Охрид.
„Голем број, статистички е проверено дека не се враќаат повторно поради лошиот однос. Тоа не е случај во Охрид, туку е случај во целиот свет. Има многу работи на кои треба да обрнеме внимание доколку сакаме да имаме добри туристи кои повторно ќе се враќаат. “-изјави Раководителот на Секторот за ТЛЕР, Гоце Симоноски.
Онаа модифицирана максима дека гостинот е најважен, како да беше заборавена некое време. За среќа еве некој повторно да не потсети на неа. Па кој знае, можеби со пољубезен персонал, ќе имаме и пољубезни гости. Ќе мора да почекаме и да видиме.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град