Дел од станарите не веруваат во полезноста од Законот за домување.
На 1ви Април истекува рокот до кој сите згради во Централниот регистар мораат да регистрираат совет на станари. Дали по сопствена волја или под притисок на законските одредби, повеќе од 80 проценти од зградите во Охрид веќе ги регистрирале своите совети. Сепак, дел од нив со сомнеж гледаат во полезноста на Законот за домување. Велат дека законот убаво звучи, но и дека се потребни механизми за негово спроведување. Според претседателот на советот на станари од зградата 101 на булевар „Туристичка“ најголемите проблеми и натаму ќе останат нерешени.
„Па ние се држевме до законот, навреме го регистриравме куќниот совет, функционираме добро, онака како што досега функциониравме, меѓутоа остануваат проблемите. Десет до петнаесет посто од луѓето не можеме да ги најдеме со години, не може да се изврши наплата. Законот е јасен но јас и порано тврдев дека е тешко спроведлив. Сега со законските можности што се даваат, можно е управител да се ангажират, меѓутоа тој управител што повеќе ќе направи од нас?“-вели Илија Магденоски-Претседател на совет на станари од зграда бр.101, булевар „Туристичка“
Магденоски смета дека спроведувањето на овој закон ќе биде тешко пред се затоа што Охрид е туристички град и многу од становите имаат газди од надвор, па оттука наплатата на оние трошоци за тековно одржување според него и натаму тешко ќе се спроведува. Од општинскиот инспекторат пак, сметаат, дека Законот за домување ќе биде многу корисен за Охрид. Раководителот, Танас Танасоски појаснува дека со спроведување на овој закон, Охрид конечно ќе дознае кои се сопственици на становите во градов, а со тоа ќе се помогне и наплатата на туристичката такса. Според него, во голема мера ќе се реши најчестиот проблем во зградите во Охрид.
„Проблем број еден е неплаќање на сите станари за она одржување. Неплаќање редовно. Сега законот, доколку се склучи договор со управителот, постојат можности и начин како управителот да ги наплати сите средства од сите станари. Тоа ќе оди преку судовите, во вонпарнична постапка која оди брзо и брзо ќе наплаќа од сопствениците на станови.“-рече Раководителот на општинскиот инспекторат, Танас Танасоски.
Инаку, според измените во Законот за домување, секоја зграда треба да си регистрира совет на станари, кој ќе ангажира свој лиценциран управител. Овој управител ќе го плаќаат сите станари, а ќе ги врши работите околу наплатата на трошоците за одржување. При формирање на совет на станари, се пријавуваат и две жиро сметки, една за тековно одржување и еден резервен фонд за пообемни инвестиции. Од 1ви Април сите совети на станари ќе функционираат како правни субјекти.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град