„Да се избегнат политичките конотации на проблемот со угинувањето на плашицата“-советуваат од Министерството за животна средина.
Охридската јавност веќе неколку недели ја брануваат случувањата со угинувањето на плашицата во каналот Студенчишта. Како тоа да беше малку, вчерашните препукувања околу тоа кој бил виновен за политизирање на целиот проблем, дополнително ја усложни ситуацијата. Од коментари со политичка конотација денес се огради државниот секретар при министерството за животна средина, д-р Соња Лепиткова. Таа посочи дека грижата за овој чувствителен еко-систем треба да биде на исклучително ниво и дека ова е проблем кој не засега сите. Д-р Лепиткова го потврди веќе добро познатиот став околу причините за угинувањето на плашицата.
„Недостаток е што секогаш треба да се внимава на состојбата со количината на кислород кој што е оптимален за да не дојде до задушување на рибата. Хидробиолошкиот завод од Охрид тоа го контролира и затоа и постои во Охрид, за да не алармира. Тоа е една високо научна институција која што не само на ниво на Охридското езеро туку и на ниво на Република Македонија дава насоки и визии како сето тоа треба да се реши. Ние сме во постојана комуникација, имаме истурено одделение на Црнодримскиот басен кое што сите тие работи во име на Министерството за животна средина ги контролира и координира.“-вели Д-р Соња Лепиткова-Државен секретар при Министерството за животна средина.
Д-р Лепиткова алармираше и на состојбата во Преспанското езеро кое е своевидна хранилка на Охридското. Таа потенцираше дека при последните испитувања на водата во езерото биле детектирани високи количини на нитрати и фосфати кои се пред се последица на прекумерна употреба на вештачки ѓубрива. Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот завод од Охрид вели дека присуството на овие штетни елементи го пореметува репродуктивниот циклус на рибите и тоа претставува проблем кој се прелева од Преспанското во Охридското езеро.
„Позната е хидролошката подземна врска помеѓу Преспанското и Охридското езеро и нормално се што се случува во Преспанското езеро се рефлектира и во Охрид. Оние концентрации кои што ги споменавме на тешки метали кои ги имаме правено и при анализата на охридските риби, рибите од Охридското езеро се далеку повисоки од оние во Преспанското езеро, бидејќи за разлика од Преспанското езеро, кај нас има типови на риба како белвицата и пастрмката кои што се грабливки, кои што се риби што се хранат со други риби и планктони каде концентрациите далеку повеќе се акумулираат.“-рече Зоран Спиркоски-Хидробиолошки завод-Охрид.
Спиркоски додаде дека редукцијата на овие непожелни елементи во водите на Преспанското езеро како и активностите на луѓето кои нив ги предизвикуваат е од особено значење за зачувувањето на рибниот фонд не само во Преспа туку и во Охрид.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град