Болницата во преговори е и за склучување на нов договор за подигање на комунален отпад со ЈП „Охридски Комуналец“.
Општа болница Охрид, симна голем товар од својот грб. Најде решение за медицинскиот отпад, но и за комуналниот отпад. Неколку дена болничкиот простор наменет за одлагање на отпад, остана затрупан од смет. Проблемот на површина исплива деновиве кога се крена голема џева од страна на ЈП „Охридски Комуналец“, кога оттаму реагираа дека несоодветно се одлага медицинскиот отпад. Портпаролот на Општа болница Охрид, Др. Сашо Василески, не сакаше да ги коментира случувањата што претходеа на тоа. Тој само нагласи дека што се однесува до нив проблемот е трајно решен и нема повеќе да дозволат грдата слика да паѓа во очи на јавноста и на надлежните државни инспектори.
Во тек се преговорите за потпишување на договор со првиот човек на „Охридски Комуналец“, Сашо Алче, вели Василески. Смета дека во иднина нема да има никаков проблем ниту со комуналниот отпад.
До минатата година постапката за собирање и транспортирање на опасен отпад ја вршело ЈП „Охридски Комуналец“. Но од оваа година постапката за одлагањето на медицинскиот отпад била строго дефинирана и исклучиво требало да се уништува во Дрисла, категоричен Василески.
И додека се средат работите околу отпадот во болницата, од санитарниот инспекторат не информираа дека веќе извршиле контрола и констатирале дека дел од отпадот веќе е подигнат, како и тоа дека битолската фирма Еко Клуб, ги има сите потребни дозволи за собирање и транспортирање на опасен отпад и ги исполнува и останатите услови. Но сеуште не бил подигнат комуналниот отпад.
Директорот на Еко Клуб, Борче Толески, за ТВМ во брифинг ни кажа дека уште во текот на вчерашниот ден подигнале голема количина медицински отпад од болницата и дека секој петок со специјално возило ќе го прават, тоа. Но, доколку се појави и дополнителна потреба им стојат на располагање. Толески вели дека не е лесно да се добие лиценцата за оваа дејност, но дека уште потешко е да се склучи договор со повеќето од приватните здравствени установи во регионот кои исто така имаат реален проблем со одлагањето на медицинскиот отпад.
Во Охрид има околу 70 приватни здравствени установи. Деновиве ќе се обидеме да посетиме дел од нив и да дознаеме како и дали тие го средиле проблемот со медицинскиот отпад.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град