После успешно реализираните две фази од проектот, од денес започнува третата фаза од оваа акција.
Започнува третата фаза за чистење на Охридското Езеро од неексплодирани убојни средства. После успешно реализираните две фази од оваа акција, денес стартуваат активности за детекција на опасните средства. Во веќе спроведените две фази од овој проект успешно беа извадени 15, 9 тони неексплодирани убојни средства, кои потоа беа уништени на армискиот полигон на Криволак.
Љупчо Прескакулов од регионалната канцеларија на Дирекцијата за заштита и спасување од Охрид, не информира дека после успешно спроведената детекција ќе следи вадењето на средствата. Во самата акција ќе учествуваат повеќе од дваесет лица, и тоа 6 нуркачи, 4 медицински лица, 6 пиротехничари, кајчари, а логистички ќе бидат вклучени МВР, Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, Министерството за животна средина и просторно планирање, Локалната самоуправа на Охрид и Охридската Капетанија.
Детекцијата и чистењето на убојните средства ќе се врши на потегот од градското пристаниште , па се до објектот во кој е сместена Езерската полиција, како и на потегот кај селото Пештани, додава Прескакулов. Инаку се предвидува акцијата да трае 28 дена, а доколку истата во охридскиот дел заврши пред предвиденото време, со чистењето на дното на езерото ќе се продолжи во струшкиот регион, што изостана во претходните две фази од акцијата.
Инаку станува збор за убојни средства кои потекнуваат од Балканските војни, како и од Првата и Втората светска војна. Оваа акција се реализира со помош од Меѓународниот заштитен фонд за деминирање и помош на жртви од мини, а донатори се САД кои за таа намена издвоија 160 илјади евра и Меѓународната фондација за заштита од мини „ИТФ“ од Словенија. Еден дел од стредствата наменети се за покривање на оперативните трошоци, а останатиот за опремата која ќе ја користат тимовите. За реализацијата на оваа акција набавена е најсофистицирана опрема за подводни активности.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град