Децата се неми сведоци на секојдневните случувања. Тие сеуште молчат и го трпат семејното насилство. Оваа констатација не само што е евидентна на државно ниво, евидентна е и во општина Охрид. Стручните тимови на Центарот за Социјални Работи, активно работат и се насочени кон сузбивање на оваа појава. Од таму велат дека семејното насилство денес, иако е препознатливо, сеуште се крие под пазувите на семејствата. Тоа најповеќе негативно влијае кај децата, вели Снежана Толеска Митаноска, психолог во ЦСР. Таа вели дека минатата година евидентирале 36 случаи на семејно насилство, додека пак годинава забележани се 18. Митаноска изјави дека во моментот нивните активности се насочени кон охрабрување на жртвите на насилство да проговорат за тоа, иако тоа не е така лесно.
„Многу тешко е едно дете да го пријави својот родителот, бидејќи познато е дека емотивната врска е многу силна, кај нив постои страв од напуштање на родителот и најразлични сепарациони стравови несигурност, чуство на вина заради она што се случува во семејството“, вели Митаноска.
Кај децата кои се изложени на семејно насилство се јавуваат најразлични реакции кои се добро препознатливи, вели Митаноска. Додава дека начинот на пристап до децата е многу специфичен. Од Центарот за социјални работи минатата година спровеле многу трибини во училиштата, кои одиграле значајна улога во охрабрување на децата да проговорат за семејното насилство. Но Митаноска потенцира дека не е добро и многу да се настојува децата да говорат, бидејќи тоа дава спротивен ефект кон целата состојба.
„За едно дете да се охрабри да пријави семејно насилство треба внимателен пристап и да не се осудува. Пристапот е различен, во зависност од возраста“, вели Митаноска.
Познато е дека во Европа па и во светот се спроведуваат радикални мерки кон родителите кои вршат насилство врз децата. Митаноска вели дека и кај нас постојат тие мерки но нашиот менталитет е причина што несериозно се пристапува кон нив.
Децата е потребно да се чуствуваат заштитено, разбрано и прифатено. Неопходно е да се научат полесно да ги препознаат своите чуства и да се охрабрат да зборуваат за нив, велат од Центарот. Инаку охридскиот центар е доволно екипиран за работа на оваа проблематика и стручните работници редовно посетуваат предавања и трибини за справување со семејното насилство, со посебен акцент на работа во семејна заедница.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град