Охрид изобилува со културни случувања во летниот период. Од концерти, до фестивали и изложби, но почнувајќи од вчера вниманието посебно го привлекува традиционалната Илинденска едриличарска регата. Со бројните меѓународни натпреварувачи, регатата покрај својот рекреативен и спортски карактер, нуди и одлични можности за промоција на Охрид, надвор од границите на земјата.
Од вчера, во водите на Охридското Езеро започна 43то издание на традиционалната Илинденска едриличарска регата. Охрид најчесто го понесува епитетот „град на културата“, но Илинденската регата нуди одлична можност, да му донесе уште еден епитет на градот, „град на спортот“. Покрај рекреативниот и натпреварувачкиот карактер, оваа регата претставува и одлична можност за една поинаква промоција на Охрид пред туристите. Еве што мислат Охриѓани, но и гостите за оваа традиционална регата.
„Јас навистина го сакам едрењето, па навистина е прекрасно што постои оваа регата. Не знаев дека ја има, инаку дефинитивно би ме привлекла да дојдам овде.“-ни рече еден англиски турист.
Илинденската едриличарска регата започна вчера, а ќе трае до утре, 02 Август Илинден, со што на граѓаните и на сите присутни туристи во градов ќе им понуди нешто плус во ова изобилие од културни настани.
Одличен начин да се разбие сивилото. Покрај толку фестивали и културни настани летово, Илинденската едриличарска регата навистина ги разбранува езерото и градот. Од најмали до најголеми, спортисти и ентузијасти, на најдобар можен начин го промовираат Охрид во очите на туристите.
Илинденската едриличарска регата вчера ја започнаа 8 едриличарски клубови. По еден клуб беше пријавен од Ниш, Палиќ, Земун и Албанија, додека Охрид и Струга учествуваа со по два едриличарски клуба. Резултатите од регатата ќе бидат соопштени утре, на ден Илинден, кога и официјално завршува годинешното издание на оваа регата.
И додека секоја наредна година, активно се размислува во кој туристички правец да тргне Охрид, Илинденската едриличарска регата срамежливо ни нуди одлично решение. Па зошто Охрид не би станал едриличарски рај кој би го посетувале туристи од целиот свет?
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град