До каде е основањето УЗ?

Каде заглави процесот на основање на урбаните заедници?

 |  Мишел Наумоски  | 

Заменувањето на некогашните месни заедници со сегашните урбани заедници и натаму во застој. До овој момент се оформени само 4 урбани заедници, а процесот заглави во место уште во месец Декември минатата година. Кога ќе продолжи процесот на основање на урбаните заедници останува неизвесно. Оние урбани заедници кои ја имаа среќата да бидат формирани, сега веќе активно работат и нормално функционираат.

Формирањето на урбаните заедници сеуште тапка во место. Откако започна процесот на замена на некогашните месни заедници со новите месни заедници изминаа повеќе од 7 месеци, а формирани се само 4 урбани заедници. Процесот на основање на останатите урбани заедници засега е во застој, но оние урбани заедници кои беа доволно среќни да бидат формирани пред да настане застојот, сега веќе активно функционираат и работат. Еден од таквите примери е урбаната заедница 1-Стар град чиј што совет досега одржал неколку состаноци и покренал неколку граѓански иницијативи. Последната нивна жестока реакција стигна на одлуката за продолжување на работното време на угостителските објекти, а новиот начин на работа отворено го подржуваат.

„Општината едноставно треба на овој начин да го слушне гласот на народот. Не секоја урбана заедница по старо месна заедница има свој претставник во Советот на општина Охрид. На овој начин би се олеснала целата таа постапка бидејќи секоја урбана заедница има пристап до општината, може да достави свои мислења, барања кои се директно поттикнати од народот, од граѓаните во таа урбана заедница.“-вели  Александар Довлев-Претседател на Урбана заедница 1-Стар град

Формирањето на останатите урбани заедници уште во декември 2010 година беше стопирано поради проблемот кој настана при изборот на урбаната заедница Видобишта.
„Во моментов е стопиран тој процес од причина што тогаш веќе немаше после тој инцидент со месната заедница Видобишта, немаше услови да се продолжи со изборот. Законски, вие знаете, организатор на овие избори и надлежен за овие избори е градоначалникот, тој ги распишува и тој ги одржува седниците, а граѓаните си избираат. Додека виновниците не се изведат пред суд, не бидат казнети, јас нема да продолжам со избори, затоа што ако виновниците не се казнат, тоа им дава право и на други избори и други така да постапуваат.“-рече градоначалникот Петрески.

Како што ТВМ во таа прилика информираше, овој инцидент настанал откако неколку лица одбиле да се легитимираат пред градоначалникот, а некои од нив се обиделе и физички да го нападнат. По тој напад, градоначалникот Петрески изјави дека времено го одложува формирањето на останатите урбани заедници. „Откако судот и полицијата ќе постапат по поднесената тужба, тогаш ќе има услови да се продолжи со процесот на формирање на останатите урбани заедници.“-вели Петрески.

До кога ќе тапка во место процесот на формирање на преостанатите урбани заедници, засега останува енигма.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top