Европската вечер започнува со изложбата на 34 дела на 12 познати полски карикатуристи, а ќе продолжи со звуците на виолината и пијаното во предворјето на црквата Св. Софија. За утревечер е најавено гостувањето на веќе домашниот Сфумато театар од Бугарија.
Во рамките на вечерашната програма на фестивалот Охридско лето посетителите ќе дојдат во допир со полската уметност, во делот посветен на Европската унија, а едноставно наречен „Вечер на Европа“. Традиционално, во овој дел се претставуваат уметниците од земјата претседавач со Европската унија. Вечерта започнува со изложбата на 34те дела од познати полски карикатуристи кои го носат полскиот хумор пред овдешната публика. Изложбата започнува во 20 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“. Во музичкиот дел, звуците на виолината на Јарослав Наджицки и звуците на пијаното на Јоана Затеј-Вујчињска ветуваат вистинско уживање за публиката.
„Многу ни е драго што сме тука на фестивалот Охридско лето, кој е еден реномиран фестивал на кој настапувале и настапуваат големи ѕвезди.“-вели виолинистот Јарослав Наджицки. Неговата придружба на пијано Јоана Затеј-Вујчињска додава „Прв пат учествуваме на Охридско лето, за прв пат сме тука и навистина е привилегија да се учествува на овој фестивал“.
Уметниците пред публиката ќе се претстават со дела од Брамс, Виењавски, Шимановски и Ваксман. Концертот е со почеток во 21 часот во предворјето на црквата Света Софија, a подржан од Полската амбасада во Република Македонија.Театарскиот дел ќе биде пополнет од веќе домашниот Сфумато театар од Бугарија кои во Охрид, и на Охридско лето доаѓаат по трет пат. Нивната обработка на претставата „Зимска бајка“ на Вилијам Шекспир, се смета за една од најдобрите во светски рамки. За лајтмотивот на претставата проговори режисерката Маргарита Младенова.
„Вистината за човекот, според мене, проучувајќи ги текстовите на Шекспир е дека тука има загатнато една многу енигматична, особена историја и жестока приказна. Има загатнато една тревожна порака, предупредување до човекот. Каде оди човекот и што прави тој со својот живот.“-рече Маргарита Младенова-Режисер
Сфумато театарот постои веќе 21 година, а меѓу нивните актери се најде и еден Македонец, кој ни ги посочи разликите во начинот на кој работат македонските и бугарските театри.
„Има голема разлика за моја жалост и наша воопшто. Има разлика во смисла, театарот во Софија има каква-таква сцена, има конкуренција, има публика, има луѓе коишто ги интересира тоа, во смисла тоа е дел од културата на некаков начин на живот на тој град кој што не е од вчера и која култура за жал кај нас ја нема.“-рече актерот Антонио Димитриевски.
Претставата „Зимска бајка“ првично требаше да биде изведена во предворјето на црквата Света Софија, но поради најавените лоши временски услови, „Зимска бајка“ ќе биде изведена утревечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ во 21 часот.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град