На плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица, синоќа официјално беше прогласено за отворено Европското првенство во кошарка за кадети во Б дивизија.
Честа свечено да го отвори првенството ја имаше градоначалникот Зоран Заев кој воедно и истакна:
– Вечерва кога Струмица и овој плоштад се Европа во мало, задоволство е да се биде Струмичанец но задоволство е и да се биде градоначалник кој во името на сите граѓани има можност да ви посака топло добредојде во нашата убава Струмица, истакна Заев.
Гордост е да се биде домаќин на вака еминентен настан како што е европското првенсво во кошарка за кадети во Б дивизијата и ширум да се отворат портите за 22 репрезентации и преку 500 официјални гости. Ви посакувам добра и фер игра и добри резултати, порача во Своето обраќање струмичкиот градоначалник.
На најголемото првенство во младинските категории во историјата на ФИБА Европа од 28 јули до 7 август, ќе учествуват 22 екипи со над 420 играчи, педесеттина претставници на ФИБА Европа и ќе се одиграат 89 натпревари.
Репрезентациите ќе бидат сместени во вкупно шест хотели, а во посебен хотел сместени се сите официјални лица на ФИБА Европа кои ќе присуствуваат на шампионатот. Натпреварите ќе се играат во Спортската сала “Парк“, салата на СОУ “Никола Карев“ и на ООУ “Видое Подгорец“. Покрај во овие три сали, секојдневни тренинзи ќе се одржуваат и во новата спортска сала во Василево.
Првата средба, која ќе биде многу важна за Македонија и за самодовербата на играчите, е закажана за вечерва во 19 часот со репрезентацијата на Англија. Репрезентацијата на Македонија се натпреварува во групата „А“ заедно со Грузија, Англија, Романија и Луксембург.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град