Програмата на овогодинешното Охридско лето продолжува со вечерашниот концерт на албанскиот виолинист Дориан Џоџи во придружба на пијанистот Томас Хопе. Драмскиот дел од програмата утревечер ќе го надополни Македонскиот народен театар со изведбата на претставата „Свадбата на Фигаро“ во режија на грузиецот Леван Цуладзе.
Охридската, но и странската публика, вечерва ќе може да ужива во звуците на виолината и пијаното на кои ќе се свират сонатите на Моцарт, Штраус и Шуберт. Трите сонати за виолина и пијано ќе бидат во изведба на Дориан Џоџи од Албанија и Томас Хопе од Германија. Дориан Џоџи е единствениот албански музичар во Берлинската филхармонија и единствениот албански учесник на 51то издание на фестивалот Охридско лето.
„Ова ми е прво доаѓање во Македонија. Имам слушнато за фестивалот Охридско лето уште кога живеев во Албанија од каде што заминав во 2000 година. Знаев за овој фестивал и одсекогаш сакав да дојдам и да свирам тука. Охрид е блиску до мојата земја и навистина сум среќен што ова конечно се случува.“ рече Дориан Џоџи-виолинист
За разлика од Џоџи, неговата придружба, германскиот пијанист, Томас Хопе не доаѓа за прв пат во Охрид и Македонија, па со нас ги сподели импресиите од неговата претходна посета.
„Импресиите од моето прво доаѓање овде беа толку позитивни што еднаш кога еден друг уметник ме праша дали сум бил тука и како е во Охрид, секако му кажав дека тука е прекрасно, дека има прекрасни луѓе, одлично е организиран фестивалот и има одлична храна. Значи многу е значаен личниот впечаток од Охрид.“-вели Томас Хопе-пијанист
Вечерашните пријатни звуци на виолината и пијаното ќе бидат увертира во драмскиот дел од програмата кој продолжува утревечер со преставата „Свадбата на Фигаро“ во изведба на Македонскиот Народен Театар.
„Свадбата на Фигаро“ е комедија која е дел од Трилогијата за Фигаро во кои уште спаѓаат и „Севилскиот бербер“ и „Вториот Тартиф“. Иако прокламирана како комедија, „Свадбата на Фигаро“ е нешто повеќе од тоа. Малку подлабоко ја анализираше нашиот актер Кирил поп Христов кој ја игра улогата на Дон Гусман.
„Сите вие сте правеле прељуба во вашите животи, сте ги изневерувале вашите мажи, вашите сопруги. Сите ние тоа сме го правеле додека не сме биле женети, додека сме биле во полубрак. Претставата говори за нашето неподносливо постоење и нашите животни измами што сме ги правеле во нашите мали, скромни животи“-живописно појасни Кирил поп Христов-актер
Оваа претстава е во режија на грузискиот театарски режисер, Леван Цуладзе кој потенцираше дека токму тематиката и сценографијата на Охрид била причината за да биде избрана оваа претстава. Цуладзе додаде дека грузијците не сакаат многу да ја напуштаат својата земја, но дека тука, во Охрид, се чувствува исто како дома.
Настапот на Џоџи и Хопе ќе можете да го проследите вечерва од 21 часот на сцената кај Света Софија, додека „Свадбата на Фигаро“ ќе се одигра утревечер во 21 часот на сцената во Долни Сарај.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град