Почетокот на секоја летна туристичка сезона редовно ги носи карактеристичните проблеми. Зголемена фреквенција на возила чии сопственици често и не обрнуваат внимание на поставената патна и сообраќајна сигнализација. Сообраќајните знаци буквално како да не постојат.
Еден ваков пример ни беше посочен од загрижен граѓанин кој забележал дека многу често не се почитува знакот за еднонасочна улица на пресекот на ул. „Партизанска“ и „Димитар Влахов“, односно кај Домот на АРМ.
За овој случај ги информиравме службите во СВР Охрид кои ни потенцираа дека тие најпрво се обидуваат превентивно да делуваат во вакви случаи и што е можно помалку да се користат репресивните мерки. Тие најчесто на прекршителите им давале усни или писмени предупредувања, освен во случај на посериозни прекршоци кај кои казната е неизбежна. Од СВР ветија дека подетално ќе го испитаат овој случај и ќе ги преземат предвидените мерки.
Со летната сезона доаѓаат и главоболките во сообраќајот. Онаму каде што има сообраќајни знаци, ретко се почитуваат, а пак некаде, веќе поставената сигнализација ја отстрануваат несовесни граѓани, па и овие совесните се буквално приморани да го прекршуваат законот.
Стариот дел на градот има посебен режим на летен сообраќај со активната забрана за движење на моторни возила во интервалот од 05:00 до 20:00 часот навечер, но еден од знаците кои предупредуваат на посебниот режим на сообраќај не беше на своето место. Од одделението за сообраќај и улици при локалната самоуправа дознаваме дека овој знак бил отстранет од засега непознат сторител, но надлежните служби веќе го вратиле знакот на своето место.
Едноставниот заклучок е дека сообраќајната култура ни е мизерна, а ретките исклучоци тешко може да се забележат покрај толку несовесни учесници во сообраќајот.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град