И покрај фактот што сеуште нема трајно решение за позицијата директор на фестивалот Охридско лето, програмата ќе биде разновидна и ќе ги задоволи вкусовите на пребирливата публика, велат од дирекцијата на Фестивалот. Функцијата вршител на должност неодамна му беше доделена на Илија Мојсоски според кого неговото неодамнешно назначување на оваа функција, воопшто не влијаело на подготвувањето на програмата за овогодинешното Охридско лето. Тој сепак не ни одговори што би се случило доколку во рамките на тој краток период по неговото назначување би морале да менуваат некој дел од програмата.
„Програмата на Охридско лето се прави преку целата година, таа програма кога дојдов јас беше готова, кога бев назначен за в.д директор и таа програма мене ми беше доставена за да ја претставам пред членовите на управниот одбор. Искрено мислам дека селекторите и драмскиот и музичкиот понудија исклучителна програма и како таква јас ја понудив на членовите на управниот одбор и тие едногласно ја прифатија.“-рече в.д директорот на Охридско лето, Илија Мојсоски.
Мојсоски во официјалната програма најави изведување на околу четириесетина приредби во рамките на фестивалот, со познати и звучни имиња од светот на музиката, театарот и ликовната уметност, но со особено задоволство проговори за самото отворање на фестивалот.
„По 51ви пат годинава, Охридско лето ќе биде отворено на 12 Јули на сцената на на антички театар со грандиозната претстава „Трилогија романа“ на Оторино Респиги во продукција на Ла Фура делс Баус од Шпанија заедно со Македонската филхармонија од Скопје и диригентот Андреас Вајзер. Ова дело се изведува премиерно после премиерите во Валенсија и во Рим, третата премиера ќе биде токму во Охрид, на античкиот театар.-додаде Мојсоски.
Од многубројните светски имиња кои оваа година ќе продефилираат на Охридско лето, не може а да не се споменат Најџел Кенеди на виолина, Чарлс Најдих на кларинет, осумте тенори на 21 век, но и одличните претстави на МНТ и Драмскиот театар од Скопје, и за прв пат оваа година, настапот на Охридскиот народен театар со претставата „Кабаре мистериозо“. Мојсоски, кој е само привремено решение за функијата директор на Охридско лето, најави и одлична ОФФ програма која беше доста сиромашна минатите 2-3 години. Оваа година во ОФФ програмата ќе може да ги видиме и чуеме неповторливите Влатко Стефаноски и Дуке Бојаџиев. Мојсоски дополни и дека поради честите поплаки околу удобноста на сместувањето во античкиот театар, тие оваа година за секој посетител обезбедиле по едно перниче во потрага по комфорот кој гостите редовно го бараат. Останува да видиме какво Охридско лето не очекува ако се земе предвид фактот дека фестивалот и оваа година се одржува со привремен директор.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град