Ова е идеја на Здружението на новинари на Македонија. Ќе биде ли ова тело доволно моќно да се ослободи од натрупаните проблеми во оваа област.
Недолични снимки, интервјуа со малолетници, насилство, неморал, неетичност. Ова е дел од сликата во македонскиот етер. Со цел ваквиот хаос да се надмине, Здружението на новинари на Македонија дојде на идеја да формира независно тело, наречено “Совет на печат“. Ова тело за саморегулација на медиумите би имало задача да ги зајакне професионалните стандарди и да го зголеми квалитетот на медиумите. Досега, само електронските медиуми (ТВ и радија) беа опфатени со законска регулатива, а со ова тело би се направил обид за каква-таква регулација и на печатените и он-лајн медиуми. “Советот на печат“ би се функционирал со претставници од три структури и тоа: – претставници од Здружението на новинари, пртставници од сопствениците на медиуми и претставници на јавност, каде влегуваат експерти кои ќе ги претставуваат граѓаните. Членувањето во овој Совет би било на доброволна основа и само оние кои ќе членуваат ќе бидат должни да се придржуваат кон кодексот кој ќе го потпишат. Ова тело би било на повисоко ниво од постоечкиот Совет на честа при ЗНМ, во кој учествуваат само новинари.
Мирче Адамчевски, член на ЗНМ вели дека ваквиот совет ќе биде од голема полза за сопствениците на медиумите, новинарите и граѓаните. Тој потенцира дека со неговото функционирање се помал број новинари ќе бидат изложени на судски процеси.
Идејата за формирање на ваков “Совет на печат“ е за поздравување, но треба да се потсетиме дека во Македонија за жал, свеста не е на такво ниво за медиумите да вршат саморегулација. Секоја чест на исклучоците. Во моментов, состојбата е дијаметрално спротивна, така да имаме и случаи каде дел од електронските медиуми не се санкционирани дури и за работи кои се косат со законот. Можеби ЗНМ требаше прво да поработи на решавање на овој проблем, па потоа да премине кон конституирање на еден ваков Совет. Уште еден проблем, кој зема се поголеми размери, е нерегулираната законска рамка за постоењето на он-лајн медиуми, попознати во јавноста како портали или веб страници. Голем дел од овие медиуми не се ниту регистрирани со македонски домејн. Тие се претсавуваат како македонски и пишуват на македонски јазик, а се регистрирани во некоја странска земја со што практично вршат измама на читателите, а што е уште потрагично доколку објават невистини и шпекулации нема пред кого да одговараат.
Снежана Трпеска, професор на Високата школа за новинарство потенцира дека ова прашање дополнително треба да се испита, а со помош на Советот на печат во кој би членувале и правници и адвокати би се изнашол начин за надминување на ваквата појава.
Дали конечно ќе се стави крај на медиумскиот хаос и лов во матно, останува да видиме. Сакаме да сме оптимисти, но со самото тоа што и на денешната средба на ЗНМ со сопствениците на медиумите и новинарите од Охрид присуствуваа само оние кои и досега се саморегулираа, а на средбата немаше ниту еден претставник од медиумите кои практично работат на диво, непрофесионално и неморално – тоа не ни остава простор да размислуваме розово.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град